Археолозите потврдија неолитска врска меѓу жителите на Пелагонија и Источна Македонија

Комплексна градба со неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, садови сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија, открија археолозите на неолитскиот локалитет Врбјанска Чука. Ова е десетта сезона археолошки ископувања на локалитетот што ги спроведува Центарот за истражување на предисторијата и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп.

– Целта на ова мултидисциплинарно истражување, во кое се вклучени и бројни европски институции, е темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и неговото подоцнежно функционирање во антиката и средниот век – велат од Центарот.

Археолозите работеа на прецизно дефинирање на една од масивните неолитски градби детектирани при геофизичкото скенирање и преку ископувањето во северниот дел на археолошката сонда.

– Овој неолитски објект импресионира со своите димензии и со архитектонските обележја и материјалната култура. Комплексната градба долготрајно била користена, а тоа е потврдено преку повеќето обновувања во рамки на нејзиниот габарит. Во неа пронајдовме неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, како и неколку садови сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија. Интересно е што дел од овие садови имаат сликање досега единствено познато во Источна Македонија и дополнително ја потврдува комуникацијата и трговијата меѓу овие два региони во неолитот. Покрај садовите, во рамки на овој објект, но и во неговата околина, откриени се и бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн. – велат археолозите.

Паралелно со археолошките ископувања, се вршат и археоботанички анализи со стручњаци од Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Белград, а во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Кирил и Методиј“.

– На овој начин се потврдува интересот на странските институции, но и на младите студенти, за континуирани мултидисциплинарни истражувања и едукации кои постојано се одвиваат во изминатите десетина години. Како резултат на оваа плодна децениска соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и бројни европски универзитети, во септември ќе се реализира јубилејна изложба во Завод и музеј – Прилеп, а во која ќе се претстават досегашните сознанија за археолошкиот локалитет Врбјанска Чука – велат од Центарот.

Насловна фотографија: Раул Сотерас

Сподели