„Светот сонува за Abbey Road. Ние го имаме Широк Сокак. Оваа година не трчаме само за време – трчаме за сè што нè прави Битолси“, велат организаторите на трката „Трчај бе!“ која годинава ќе се одржи во Битола на 14 септември. Пријавите се веќе во тек, на линкот.
Седмото издание на „Трчај бе со Алпско“, најголемиот спортски настан во градот годинава се одржува во знак на кованицата „Битолси“. Темата е сеќавање на луѓето што ја обликувале и ја обликуваат Битола – уметници, спортисти, актери, професори, музичари, комичари … луѓе кои на каков било начин го обележале своето време.
– Секој што направил нешто за својот град е дел од групата Битолси – велат организаторите.
„Трчај бе“ секоја година изненадува. Форест Гамп на Широк Сокак, битолцизми на асфалт, филмското издание со камерата на Браќата Манаки со порака „Филм ми е да трчам“. Секоја година со нов наратив, трката стана препознатлив градски перформанс, а не само спортска манифестација.
Оваа година е особено значајна зашто Битола ќе биде домаќин на Националното првенство во полумаратон под покровителство на Атлетската федерација на Македонија. Освен елитните тркачи, во програмата се вклучени и популарните дистанци на 5 и 10 километри, достапни за сите генерации и нивоа на подготвеност. Очекувани се учесници од повеќе земји, што трката ја позиционира како меѓународно релевантен спортски настан.
Кампањата доби и своја музика – кавер на Get Back од битолскиот бенд „Паркети“, со нови стихови, насловен „Трчај бе“.
Визуелите, изработени во соработка со Monday, се колажи од најзначајните битолчани низ историјата, а постерите веќе предизвикуваат голем интерес.





