Зошто сите три кандидатки од Националната галерија аплицирале со идентична програма?

Актуелниот директор Али Синани вели дека секој треба да добие шанса да покаже што може, а тој со своето искуство од долгогодишниот живот во Швајцарија може многу да придонесе во развојот на Галеријата

Трите противкандидатки на д-р Али Синани, новиот директор на Националната галерија на РС Македонија, Маја Неделковска-Брзанова, кустос-советник (во тоа време в.д. директорка на Галеријата), Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос и д-р Ана Франговска, историчарка на уметност и кустос-советник сите со години вработени во Галеријата, тврдат дека со оваа институција мора да раководат стручни лица од областа кои добро се запознаени со бројните проблеми на Галеријата. Според Синани, секој треба да добие шанса да покаже што може, а тој со своето искуство од долгогодишниот живот во Швајцарија може многу да придонесе во развојот на Галеријата. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков тврди дека во изборот на Синани за директор нема неправилности и негира дека назначувањето на Али Синани за директор на Националната галерија на РС Македонија е политички договор со коалицискиот партнер „Вреди“. Главна причина за овој избор што било сите четворица кандидати ги исполнувале условите, но трите кандидатки од НГМ понудиле идентична програма.

Зоран Љутков / Фото: Министерство за култура и туризам

Љутков неодамна на брифинг со новинарите објасни дека иако донесува решение за назначување на директори, не може детално да ги знае состојбите во 72 национални установи од културата во земјава. Затоа формирал тричлена стручна комисија за конкретниот избор.

– Иако недостасувале одредени документи кај дел од кандидатите, имало добра комуникација со сите и документите биле доставени на време. Сите четворица кандидати ги исполнуваа условите, но во делот на понудената програма тројца кандидати поднеле идентична програма. Али Синани понуди визија која се поклопува со мојата визија и на основа на тоа е донесено решението за избор на директор. Нема ништо незаконско, ниту во процесот, ниту во одлуката – рече Љутков.

Тој додаде дека секоја политичка партија преферира и сугерира одреден кадар, но секаде се поставени висококвалитетни луѓе, без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ или од СДСМ.

Али Синани дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2016 година докторирал на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар. Во својата дисертација тој се фокусира на важноста на третирање на културното и уметничкото наследство во развојот на современите контексти, со посебен акцент на меѓународниот влијание во визуелните уметности. Како визуелен уметник реализирал повеќе од 100 индивидуални и колективни изложби низ Европа и во Соединетите Американски Држави. Бил демонстратор на курсеви за цртање и сликарство во Швајцарија, претседател на Здружението на ликовни уметници Art Savour во Санкт Гален, Швајцарија, а од 2018 до 2024 бил директор на Домот на културата „Шота“ во Неготино, Полошко. Членува во повеќе ликовни здруженија во Швајцарија.

Али Синани (лево)

Синани за Умно.мк вели дека се кандидирал за директор на Националната галерија мотивиран да спроведе квалитетна програма.

– Ќе работам за доброто на институцијата, но тоа не може да се постигне без добар тим. Веќе ја подготвуваме ретроспективната изложба на Жанета Вангели, има многу веќе договорени проекти што треба да се реализираат, во македонските Културно-информативни центри во Белград, Истанбул и во Загреб – изјави Синани.

Веќе е реализирана изложбата „Простори на конјункција“ во Македонскиот КИЦ во Софија, а веќе се подготвува изложба на дела од скулпторот Васил Василев, кој му бил професор на Синани. Ова се проекти кои се дел од тековната програма на Галеријата за 2025 година која е веќе усвоена на почетокот на годината. Пред неговото назначување во Министерството за култура и туризам веќе беше поднесена програмата за 2026 година.

Маја Неделковска-Брзанова во два наврати беше в.д. директорка на Националната галерија на Македонија. Таа дипломирала на Институтот за историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а работи како кустос-советник во Националната галерија од 1999 година. Во два наврати била в.д. директор – од 2014 до 2015 и од 2024 до 2025 година. Неделковска-Брзанова вели дека раководењето со институција од калибарот на Националната галерија бара професионално искуство и стручна подготвеност.

Маја Неделковска-Брзанова

– Со својата компетентност и искуство како кустос-советник можам да придонесам во решавање на проблемите и подобрување на состојбите со кои Националната галерија секојдневно се соочува. Оваа институција располага со четири организациски единици од кои три (Даут-пашин амам, Чифте амам и Спомен-куќата на Лазар Личеноски) се прогласени за споменици на културата. Даут-пашин амам се наоѓа во лоша физичка кондиција, се соочува со проблеми предизвикани од влага, кои долгорочно гледано влијаат и на состојбата на уметничките дела. Беше неопходно сериозно да се пристапи во решавањето на овие проблеми и да се покаже одговорност кон авторите и нивното творештво како наше завештание за идните генерации, меѓу другото и преку барање на стручна помош од меѓународни експерти со големо искуство во областа на заштитата на недвижното културно наследство. Тоа значи да се обезбедат соодветни услови за чување и грижа на уметничките дела, соодветни услови за презентација и најважното да се избориме за соодветни услови за непосредна заштитата, проблеми кои долги години ги дискутираме и за кои се залагаме конечно да бидат соодветно поставени и решени – вели таа.

Според Неделковска-Брзанова, искуството не подразбира само галериската дејност, туку многу повеќе на полето на музејската дејност, бидејќи основна дејност на Националната галерија е собирањето, чувањето, заштитата, негувањето и афирмацијата на уметничкото културно наследство.

– Примарен е изборот на стручни лица по мерит систем со докажано долгогодишно работење на полето на музејската дејност, заштитата и изложбената активност кои непосредно имале искуство и пракса во решавањето на проблемите и потребите на институцијата – децидна е таа.

Маја Чанкуловска-Михајловска

Маја Чанкуловска-Михајловска дипломирала на Институтот за историја на уметноста со археологија, при Филозофскиот факултет, при УКИМ. Таа од 2009 година е вработена во Националната галерија, а во претходните десетина години била ангажирана во Музејот на современата уметност во Скопје. Членува во многу национални и меѓународни организации, а во еден период беше и претседателка на Националниот комитет на ИКОМ.

– Мотивацијата да се кандидирам на огласот се базира врз принципот на почитување на професионалноста наспроти очигледните постоечки политички одлуки. Како долгогодишен професионалец во дејноста, сметав дека сите добиени сознанија и соработки со истакнати колеги од земјава и особено од странство можат, како во минатото, тековно и во иднина, само да придонесат кон континуирано унапредување на целокупната работа на една комплексна институција како Националната галерија – вели Чанкуловска-Михајловска.

Според неа, сите три кандидатки од Националната галерија преку својата работа во која секојдневно се почитуваат и применуваат сите елементи на меѓународниот Етички кодекс за музеи, ги исполнува критериумите да раководи со институцијата, пред сè, условот на професионалност во дејноста.

– Дополнително и преку теоретски и практичен методолошки пристап кон музеологијата која како научна дисциплина се занимава со принципите на заштита, истражување и комуникација во еден интегриран систем на институцијата музеј, при што степенот на комплексноста на вршењето и познавањето на музеолошките функции и намени ја определува успешноста на истата. За успешно интегрирање на македонските музеи во регионални и меѓународни рамки, единствен принцип треба да биде познавањето на дејноста и професионалноста – вели Чанкуловска-Михајловска.

Ана Франговска

Ана Франговска дипломирала и магистрирала на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет при УКИМ, а во 2023 година ја одбранила докторската дисертација на тема: „Технологија, екологија и политика во македонската современа уметност како одраз на трансдисциплинарност и трансмедијалност“ на Универзитетот „Сингидунум“ во Белград. Во Националната галерија работи од 2006 година. Во моментот е претседателка на АИКА Македонија (Македонско здружение на ликовни критичари), уметнички директор на ликовната колонија „Галичник“, била неколкупати куратор на македонскиот павилјон на престижното Венециско биенале на ликовна уметност итн.

На прашањето зошто сите три кандидатки од Националната галерија аплицирале со идентична програма, за која министерот Љутков посочи дека е главна причина што ниедна од нив не е назначена за позицијата, иако сите имаат богати биографии, Франговска вели:

– Со колешките настапивме со една, авторска и стратешки насочена програма, создадена врз основа на нашето долгогодишно искуство и длабоко познавање на институцијата. Верувавме дека заедничкиот настап ја изразува силата на тимот и постоењето на професионални кадри во Националната галерија. Уште пред конкурсот се појавија индикации дека одлуката за избор веќе е донесена врз политичка основа. Тоа нè мотивираше да реагираме со обединет и професионален настап, како отпор кон политизацијата на културата. Од правен аспект, нема никаква повреда на процедурата – Законот не забранува повеќе кандидати да аплицираат со иста програма, доколку таа е оригинална. Нашата беше токму таква – произлезена од реалните потреби и предизвици на институцијата. Посебно е апсурдно што избраниот кандидат ќе работи според веќе усвоените годишни програми за 2025 и 2026, што значи дека подолго време ќе реализира туѓа концепција – истата онаа што беше оценета како „непогодна“. Ова не е само институционална нелогичност, туку и јасна порака дека квалитетот и стручноста биле занемарени на сметка на други интереси – вели Франговска.

(ПРОДОЛЖУВА)

Фото: Национална галерија на РС Македонија

Сподели