Во Куќата на Уранија при Македонската академија на науките и уметностите во Охрид во тек е самостојната изложба „Скаменети потези“ на уметницата Аница Китаноска. Изложбата ја истражува врската помеѓу мозаикот и сликарството, нудејќи свеж поглед на традиционалниот медиум низ лична, телесна и чувствителна перспектива.
– Во своите дела не го користам мозаикот како техника на репрезентација, туку како алатка за внатрешна анализа. Секој камен го третирам како сведок на движење и чувство. Тоа се траги од гестови што не прикажуваат, туку повикуваат – вели Китаноска.

Изложбата ја отворија академик Васко Ташковски и кураторот Стефан Александар Јовановски. Во рамките на музичката програма настапи младата пијанистка Кристијана Илиевска.
Според кураторот Јовановски, мозаиците на Китаноска не ги убедуваат посетителите во некоја вистина. Тие отвораат простор за слободно чувствување, без инструкции.
– Тоа е ретка вредност денес – вели тој.

Аница Китаноска (2000, Вевчани) припаѓа на новата генерација уметници што го обновуваат мозаикот надвор од неговите традиционални рамки. По студиите во Равена, Италија, каде што се специјализира за современ мозаик, нејзините дела биле изложени во „Ријксмузеум“ во Амстердам, во Франција, Скопје и Равена. Добитничка е на Националната награда за уметност PNA (Италија, 2023) и членува во ДЛУМ и меѓународното здружение MARTE. Ова е нејзина втора самостојна изложба во родната земја. Изложбата е достапна секој ден од 9 до 13 часот и од 19 до 22 часот (недела е неработен ден). Влезот е слободен за сите посетители.





