Оваа претстава е големо достигнување и за македонскиот театар, воопшто, затоа што на неа работеше вредна театарска екипа – режисерот Ријани, асистент на режија – Иван Јерчиќ, сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска.
Култната политичка драма од Вилијам Шекспир, „Јулије Цезар“ во режија на Ќендрим Ријани, вечерва во 21 часот ќе ја има својата премиера во Диоклецијановата палата во Сплит. Премиерата е во рамките на „Сплитско лето“. Оваа претстава е големо достигнување и за македонскиот театар, воопшто, затоа што на неа работеше вредна театарска екипа – режисерот Ријани, асистент на режија – Иван Јерчиќ, сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска.

Режисерот Ријани носи ново читање, адаптација на Шекспировото дело – дело секогаш актуелно.
– Имаме феноменална локација, текстот е голем, но ансамблот е прекрасен. Никогаш не сум имал толку добар креативен тим. Најважно е ова дело, освен што е Шекспир и има прекрасен текст, да остане и по нашето време. Ова е авангардна претстава, бидејќи класиката и антиката се претвораат во авангарда, што не значи само модерна. Го видов потенцијалот на Сребрената порта, но имав и одговорност кон тоа. Локацијата може суштински да те совлада – дејството започнува пред нашата ера, а завршува по неа. Се префрла од индивидуалец кој спроведува тиранија кон некој што можеби допрва доаѓа – ние или нашите потомци. Претставата е одлична, актерите имаат монументални улоги. Мислам дека ќе ја оправдаме големата одговорност.“
Оваа напната и безвременска приказна за моќта, предавството и борбата за идеали нè води во срцето на античкиот Рим – низ мрежа од интриги, внатрешни конфликти и судбински одлуки кои го одредуваат текот на историјата. Во центарот на драмата се Брут и Касиј, двајца сенатори кои, верувајќи дека дејствуваат за доброто на Рим, започнуваат настани што засекогаш ќе го променат лицето на Републиката.

Во интервју за објавено на интернет-страницата на фестивалот „Сплитско лето“, на прашањето на јазикот и работењето во странска држава, какво искуство му било тоа, Ријани вели:
– Како Албанец од С. Македонија, земја што дели политичка историја со Хрватска во рамките на поранешна Југославија, чувствувам многу сличности, освен начинот на кој ја стекнаа независноста. С. Македонија се отцепи без војна и со многу помош, додека Хрватска ја стекна својата независност преку крвави конфликти. Иако ги завршив студиите во Тирана, го познавам македонскиот јазик, што ми помага да го разберам и хрватскиот и политичкиот менталитет овде. Тоа што сум Албанец ми овозможува длабоко да ја почитувам и да ја разбирам прекрасната далматинска култура и менталитет. Сето ова ми помогна да постигнам одлична идеолошка и емоционална комуникација со актерската екипа. Покрај тоа, мојот асистент Иван Јерчиќ, кој е од С. Македонија, но со корени во Сплит, беше непроценлива помош во јазичната комуникација во текот на целиот процес – вели Ријани.
Драматург е Карла Леко. Главните улоги ги толкуваат: Трпимир Јуркиќ, Мијо Јуришиќ, Горан Марковиќ, Донат Зеко, Петра Ковачиќ Ботиќ, Никша Арчанин, Зорана Качиќ Чатиповиќ, Ана Марија Веселчиќ, Здеслав Чотиќ, Стипе Јеласка, Лука Черјан, Зравко Вукелиќ, Моника Вуцо Царев, Лара Јерончиќ. Композитор е Тримор Дорми, кореограф Сташа Зуровац, видеодизајнер Драган Ѓокиќ, дизајнер на светло Срѓан Барбариќ, дизајнер на звук Иван Шушњара, скулптор Тео Баучиќ, јазичен советник Анита Руњиќ Стоилова, превод Милан Богдановиќ и Мате Марас.
Претставата ќе биде изведена и на 9, 11, 12 и 13 август. (С.Ѓ.)





