Се конципира конкурс за серии кој би бил отворен во јануари. Веќе десет години немало ваков конкурс во Агенцијата за филм, рече в.д. директорот Сашко Мицевски
Македонија мора да дефинира што е филм од национален интерес. Досега биле финансирани проекти кои сметам дека не треба да припаѓаат во таа категорија. Нив треба да ги финансира МРТ или некоја друга сродна институција, рече в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски на неодамнешниот брифинг со новинарите.
На брифингот предводен од министерот за култура и туризам Зоран Љутков беа отворени повеќе прашања поврзани со работата на Агенцијата за филм и филмската уметност воопшто. Мицевски е филмски и ТВ-монтажер и дизајнер на звук, а беше именуван на функцијата кон крајот на јуни.

Сашко Мицевски (десно) / Фото: Министерство за култура и туризам
Тој рече дека Агенцијата за филм стои на располагање да помогне со сите свои капацитети за да се надминат проблемите што ги има скопското кино „Милениум“, иако оваа институција не е надлежна за киносалата.
– Скопје нема многу големи киносали како „Милениум“. Објектот е под надлежност на град Скопје и на Младинскиот културен центар кој си има свои кризи – рече Мицевски.
Тој дополни дека во моментот е функционална киносалата „Фросина“ во МКЦ и малата во „Вардар филм“ со 52 седишта која е целосно реновирана и во функција за мали проекции.
Мицевски дојде на раководната позиција на институцијата која подолго време имаше проблеми. Филмските работници повеќе од три години апелираа дека филмот е во криза и не можат да работат. На новинарско прашање како ги расплеткал проблемите, Мицевски рече дека веќе 5 години бил член на Филмскиот совет на Агенцијата за филм и знаел со што се соочува.
– Доаѓам токму од редовите на филмските работници. Во изминатата година се сменија четири директори во Агенцијата за филм. На Бојан Лазаревски му заврши мандатот, Владимир Ангелов си даде оставка, па беа назначени Даниела Станковска-Плачковска, па Вероника Бучковска. Филмскиот совет е креативно тело и ми беше предизвик да бидам таму. Дополнително работев и во „Вардар филм“ каде целосно ја ревитализирав киносалата. Така, познавајќи ги проблемите од двете страни направивме неколку средби, разговаравме и почнавме да ги решаваме – рече Мицевски.

Тој потенцира дека во изминатиот период имаше многу забелешки од Државниот завод за ревизија за работата на Агенцијата за филм и начинот на кој се финансираат филмовите, како се бодуваат проектите. Затоа е важно овие процеси да видат сосема транспарентни и јавноста да биде информирана за бодовните листи, кои се рецензенти, како се доделуваат парите итн.
Според него, многу е важно Агенцијата за филм да им даде поддршка на младите луѓе што се занимаваат со филмската уметност. Овој бран има голем потенцијал во македонскиот филм и тие мора да добијат шанса. Агенцијата ќе организира и отворени денови каде секој ќе може да дојде и да си информира за сè.
Мицевски додаде дека успесите веќе се гледаат. Годинашното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе биде отворен и затворен до македонски филмови – „Мајка“ на Теона Стругар Митевска и „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски. „Мајка“ и документарецот „Сиљан“ на Тамара Котевска ќе имаат светски премиери на претстојниот филмски фестивал во Венеција.

Во периодов се снима „Збогум, Копакабано“ во режија на Милчо Манчевски, „Потстанар“ на Марко Ѓоковиќ, а до крајот на годината ќе се снимаат уште два долгометражни филма – „Тајната на голиот рид“ на Игор Алексов и „Мравките го спасуваат светот“ на Марјан Гавриловски, режисер на независниот филм „Te Dua, жими мене“.
Мицевски најави дека веќе се работи на конципирање на конкурс за серии кој би бил отворен во јануари.
– Веќе десет години немало ваков конкурс во Агенцијата за филм – рече тој.
Дополнителен предизвик со кој се соочува Агенцијата за филм е недостигот од кадар. Во моментот има 21 вработен, а според систематизацијата се превидени 41 лице.
– Неопходни се вработувања на квалитетни луѓе. Имаме одличен филмски потенцијал, што го промовираме и во странство. Македонија можеме да биде филмска дестинација. Имаме 18 филмски фестивали кои привлекуваат внимание – рече Мицевски.
Насловна фотографија: Агенција за филм





