Британска вечер со виолинистот Џек Либек ќе се одржи вечерва во 21 часот во црквата „Св. Софија“ во Охрид во рамките на фестивалот Охридско лето. Тој ќе настапи во пијано придружба на Катја Апекишева.
Либек е професор по виолина на Кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика. Неговата фасцинација со сè што е поврзано со наука резултира со два нови концерти за виолина компонирани специјално за него од „Војаџер“ од Дарио Марианели и концертот „Кратка историја на времето“ компониран од Брет Дин, а во спомен на Стивен Хокинг.
Соработува со некои од најпознатите диригенти на светската сцена како: Ендру Литон, Леонард Слаткин, Карл-Хајнц Стефенс, Сер Марк Елдер, Сакари Орамо, Васили Петренко, Сер Невил Маринер, Брет Дин, Даниел Хардинг, Јука Пека Сарасте, Дејвид Робертсон, Јакуб Хруша и многу други, настапувајќи во концертните сезони на оркестрите како Кралската филхармонија и оркестарот на Шведското радио во Стокхолм, Филхармонијата во Осло, Белгискиот национален оркестар, Радискиот оркестар во Лајпциг, Московската државна филхармонија, Оркестарот во Галиција, симфониските оркестри во Сент Луис и Индијанаполис, како и со сите британски оркестри.
Во 2024 тој премиерно го изведува делото „Без напор“ од Тејлор Скот Дејвис заедно со вокалниот ансамбл „8 Гласови“ на големата сцена на Сиднејската опера. Во сезоната 2025/26 ќе настапува низ целиот свет со оркестри и изведувајќи камерна музика во Будимпешта и во Македонија, како и во Австралија, САД и Јужна Африка.
Со Кралската филхармонија ќе издаде нов албум со виолинскиот концерт од Барбер, а ќе биде издаден и албумот со двојниот концерт од Малком Арнолд кој го изведува заедно со Александар Ситковетски. Неговиот албум со концертите од Шенберг и Брамс, снимен со оркестарот на Би-би-си, е оценет како „Албум на месецот“, а списанието „Би-би-си мјузик“ ја вбројува неговата изведба на Брамсовиот концерт за виолина во најдобрите изведби на ова дело на сите времиња.
Џек Либек свири на виолината „екс-Вилхелм“ изработена од Џ. Б. Гвадагини во 1758 година која му е дадена на користење од семејството на проф. Дејвид Бенет.
Катја Апекишева е родена е во Москва во музичко семејство. Таа ја посетува Школата за музички надарени деца „Гнесин“ и дебитира како солист на 12-годишна возраст. Студиите ги продолжува на Музичката академија „Рубин“ во Ерусалим, а потоа и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Таа е финалист и добитничка на наградата на Меѓународниот натпревар за пијанисти во Лидс, а потоа доаѓаат и покани за настапи со многу светски оркестри, меѓу кои: Лондонската филхармонија и оркестарот „Филхармонија“, оркестрите во Хале, Москва и Ерусалим, Англискиот камерен оркестар и Кралската филхармонија во Лондон, под диригентските палки на Сер Сајмон Ратл, Јан Латам Конит и Александер Лазарев.





