„Преку езерото“ ќе биде вистинска медитeранска салата од добри визии и приказни

Ете, точно заради тоа што ние сите кои доаѓаме или живееме на Балканот и Медитеранот знаеме сè за светската кинематографија, а не знаеме ништо за нашите соседи, решивме да направиме фестивал на балканскиот и медитеранскиот филм. Сакаме Дојран како најмедитеранската точка во Македонија да прерасне во фестивал кој ќе биде препознатлив по тоа дека е посебен – вели Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото“

Фестивалот го прават тие што се на фестивалот со свои филмови, проекти, кои се учесници на работилници, предавања, размени, вмрежувања, создавање на човечки, уметнички и професионални пријателства и соработки. И правиме сè што можеме секој филм да биде претставен од луѓе кои го правеле и на кои им значи. Оваа година ќе имаме педесетина гости од Италија, Грција, Иран, Бугарија, Србија, Словенија и Македонија. Ќе имаме режисери, актери, продуценти, директори на фотографија, новинари, филмолози, сценаристи. Ќе биде тоа вистинска медитеранска салата составена од добри визии и добри приказни – вели режисерот Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото“, што утре ќе биде отворен во Дојран. Што ќе донесе фестивалот и какви се перспективите на фестивалот кој годинава се одржува по четврти пат.

„Преку езерото“ стигна до своето четврто издание. Што ново ќе донесе годинава?

– Многу новости имаме. Прво, оваa година фестивалот трае шест денови. Второ, имаме пет долгометражни играни филмa и петнаесет краткометражни во официјална селекција. И сите до еден се регионални и македонски премиери. Внимателно ја одбираме програмата. Сакаме да го покажеме најдоброто и најспецифичното од Балканот и Медитеранот. Тоа ни е многу важно. Трето, сите филмови имаат една заедничка приказна – бегалци и луѓе во потрага по среќа некаде надвор од Балканот и од Медитеранот! Во тој смисла, оваа година имаме тотално тематски фестивал. Четврто, имаме светски премиери на два македонски кратки филмови на минатогодишните добитници на грантови. И петто, имаме педесетина гости. Стануваме вистински фестивал со две селекции, две жирија и една голема професионална работилница. И последното, имаме сосема нов визуелен дизајн кој изгледа фантастично, а за тоа се одговорни нашите спонзори New Moment.

Лазар Ристовски е лауреатот на наградата „Мето Јовановски“. Награда целосно заслужена. Колку ви е важно вистинските имиња од светот на филмот да бидат уважени на овој фестивал?

– Важно е вистинските луѓе да бидат на вистинското место! Ако тоа се случи, тогаш навистина сме направиле сè што треба за да се случи нешто убаво. Идејата за оваа награда дојде, за жал, после заминувањето од овој свет на најголемиот македонски актер во уметноста на филмот Мето Јовановски. Сакавме да направиме нешто во негова чест. Да го одржиме споменот на човекот кој беше синоним за Македонија. Не само како актер, туку, општо како Македонец. И ете, лани лауреат беше големиот Владо Јовановски, оваа година е Лазар Ристовски. Што да се каже за Лазар ќе биде малку. Тој е еден од оние актери од поранешна Југославија, од Балканот и Медитеранот кои можат да се избројат на прсти од една рака по нивните актерски, филмски и човечки достигнувања. Голема чест е тоа што Лазар Ристовски заедно со нас ќе чествува на „Преку езерото“. Навистина голема работа е неговото доаѓање во Дојран и во Македонија. Многу нè радува средбата со него.

На фестивалот сакате да обрнувате поголемо внимание и на студентските филмови и младите креативци. Како ја развивате таа линија на фестивалот?

– Што е поважно од младите и студентите по филм? Ништо. Тие се иднината. Без нив сето ова е бесмислено. Затоа правиме сè „Преку езерото“ да стане местото каде што тие ќе ги направат првите чекори во светот на филмот – правејќи филмови. Сум бил на многу работилници за развој на сценарија, за продуцентски развој, за развој на актерските вештини и многу други семинари каде што те учат како треба да направиш нешто што не се прави – ако не се направи! Филмот е наука, теоријата на филмот е основата, но филмот е применета уметност која бара примена на технологија, пари и вештини за да се направи. Ние решивме од кажување за тоа како треба да се направи, да преминеме на правење филмови. И веќе имаме три направено. Оваа година ќе направиме два нови филма и двајца млади автори и нивните соработници од Македонија ќе ги претставиме пред светот. И многу, ама многу ќе се радуваме на тоа!

Фестивалот е посветен на медитеранскиот и балканскиот филм. Иако мислиме дека се знаеме добро, сепак, во суштина, ние не си ги познаваме добро кинематографиите едни на други. Како да ја промениме оваа слика?

– Ние не се познаваме. Не само во светот на филмот. Исто е во литературата. Во музиката. Во театарот. За жал, тоа е грдата вистина за нас кои сме на архипелагот на Медитеранот. Има ли подобар начин луѓето од светот на филмот да се запознаат, да се препознаат и да се спознаат од место кое што во суштина е празник на филмот? Нема. Ете, точно заради тоа што ние сите кои доаѓаме или живееме на Балканот и Медитеранот знаеме сè за светската кинематографија, а не знаеме ништо за нашите соседи, решивме да направиме фестивал на балканскиот и медитеранскиот филм. Сакаме Дојран како најмедитеранската точка во Македонија да прерасне во фестивал кој ќе биде препознатлив по тоа дека е посебен, специјален, единствен и оригинален.

Вашата тенденција е да имате гости од секој од филмовите што се на програмата на фестивалот. Кого може да очекуваме да дојде во Дојран?

– Фестивалот го прават тие што се на фестивалот со свои филмови, проекти, кои се учесници на работилници, предавања, размени, вмрежувања, создавање на човечки, уметнички и професионални пријателства и соработки. И правиме сè што можеме секој филм да биде претставен од луѓе кои го правеле и на кои им значи. Оваа година ќе имаме педесетина гости од Италија, Грција, Иран, Бугарија, Србија, Словенија и Македонија. Ќе имаме режисери, актери, продуценти, директори на фотографија, новинари, филмолози, сценаристи. Ќе биде тоа вистинска медитеранска салата составена од добри визии и добри приказни.

 

Сподели