Кинеска вечер на Охридско лето

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот ќе се одржи Кинеска вечер во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Ќе настапат флејтистите Јуе Гуангхуи, Ванг Веи и Јуе Гуангхуи, Аи Ву, мецосопран и Хоу Јуан на пијано. На програмата се дела од Габриел Форе, Морис Равел, Камиј Сен-Санс, Филип Гобер, Клод Дебиси, Жорж Енеску, Франсоа Доплер и други.

Јуе Гуангхуи започнува да учи пијано на четиригодишна возраст, а на десетгодишна возраст се префрла на изучување на инструментот флејта. Во моментот сè уште е ученичка во Гимназијата за талентирани ученици при програмата на Музичкиот конзерваториум во Шангај во класата на проф. Парк Ми-Хјанг. Во 2019 година таа поминува одреден период во Франција каде се усовршува со Винсент Лукас, Мишел Морагес и со јапонскиот мајстор Казунори Сео.

Веи Ванг дипломира на одделот за флејта на Централниот музички конзерваториум во Пекинг. Во 2000 година се закитува со прва награда на Националниот кинески натпревар за флејтисти и потоа станува член на Кинескиот национален симфониски оркестар. Во 2002 година заминува во Франција каде ги продолжува студиите и во 2005 година победува на натпреварот „Париз Белан“, а следната година со прва награда се здобива и на Меѓународниот натпревар во Бенидорм, Шпанија. Често е гостин предавач на конзерваториумите и универзитетите во Кина, меѓу кои Централниот конзерваториум, како и оние во Шингаи и Шанжи. Од 2019 година е професор на Академијата „Рахмањинов“ во Париз, а одржува и бројни мајсторски курсеви по флејта.

Аи Ву е лирска мецосопранистка која живее и работи во Франција. Дипломира и магистрира на Шангајскиот конзерваториум, а потоа со највисоки оценки се здобива со висока диплома од Високата школа за музика на Парискиот конзерваториум каде студира во класата на проф. Изабел Грасизанц. Добитничка е на бројни меѓународни награди и признанија кои ги вклучуваат првата награда на Интернационалниот натпревар за пејачи во Париз, Францускиот натпревар за барокна вокална музика, натпреварот во Безие, како и на Натпреварот за француска уметничка соло вокална музика.

Хоу Јуан започнува да учи пијано во 1986 година најпрво со Џиа-Ронг Тиан, а потоа со Јиминг Пан. Од 1990 до 1996 година учи во Гимназијата за талентирани ученици при Централниот музички конзерваториум под менторство на Шининг Жанг. Во 2002 година заминува во Франција, каде студира со француските пијанисти и педагози Франсоа Буфе и Винсен Кок. Во 2004 година победува на натпреварот за пијанисти во Париз, а во 2008 година ја дели првата награда на Натпреварот за камерна музика „Леополд Белан“. Како камерен музичар, Хоу Јуан е поканета да настапува на Фестивалот за уметности на УНЕСКО, во 2015 година настапува на Филмскиот фестивал во Кан, на фестивалот „Бели ноќи“ во Париз, како и на 35-годишнината од проектот на УНЕСКO „Патот на свилата“ во 2023 година.

Сподели