(Емотивна статија која оживува стари рецепти и нивните приказни, со социолошки аспект)
Пишува: Ива Трпески
Ние луѓето сме љубопитни суштества. Сакаме да истражуваме, да разгледуваме, па и да поtпрашаме или да пробаме нешто ново. Нешто невообичаено или несекојдневно. Сепак нашиот ум ги врежува работите кои некогаш, со некого, ни оставиле длабока трага.
Мозочните лобуси активно вложуваат напори да запаметат одредени дразби, меѓутоа многу поедноставен е процесот кога ние би му помогнале со некое навестување.
Влегуваш во тој стан, уреден по тие стари југословенски стандарди. Тој мирис на тазе печен сомун и домашна урда на масата веднаш допира до тој мозочен лобус и го потсетува на едно време (дежа ви). Тоа чувство на блискост на фамилијарен ручек кај баба и дедо. Тие гласни разговори за политиките во државава, за недорешениот крстозбор на дедо, или за ново-сплетената черга на баба. Вистински благодат и спокој на душата. Тоа чувство е незаменливо. Едноставно носталгично.
Храната буди носталгија бидејќи нашите мозоци се програмирани да ги поврзуваат вкусовите и мирисите со спомените, особено оние од детството. Амигдалата и хипокампусот, мозочни региони вклучени во обработката на емоциите и меморијата, се тесно поврзани со сетилата за вкус и мирис. Ова значи дека специфичните вкусови можат да предизвикаат живописни, емоционално набиени сеќавања на минати искуства, луѓе и места. (извор за параграфот е Cherly’s Cookies веб-страницата).
Колку ќе бидеме носталгични на 30 години, ако сме олkу носталгични на 18? Дали тогаш ќе ја бараме повторно таа неделна топлина, мирисот на бабината кујна, или ќе се изгубиме во безвременоста на модерното секојдневие? Дали после секое преминување на границата на нашата татковина, ќе се будат вакви чувства? Носталгијата може и да е непријатно чувство, бидејќи може многу да ја раздразни секоја мисла за дом. И згора на се слушањето на „Заводлива квечерина“ на радиопрограмата на македонско радио, радио два. И што понатаму…
Во светот на брза храна и сè побрз животен ритам, заборавените рецепти не се само гастрономско наследство – тие се доказ за времето кога љубовта се мерела со рачно месено тесто, а тишината за време на ручекот значи задоволство, а не оддалеченост. И како да побараш рецепт за јадењето што е послужено за време ручек. Одговорот е многу јасен, но на нас, сегашните генерации, ни е тешко да признаеме дека тајната во добро спремен ручек е во посветеноста при изборот на намирници и спремани со многу љубов и трпение. Ние може да гледаме само „Брза кујна“ и повторно ништо да не знаеме да примениме. Така не се подготвува трпеза и симфонија на вкусови.
Да ги сочуваме тие рецепти значи да сочуваме дел од себе, дел од една култура која знаела да слави обични моменти. Секоја сува толчена пиперка, секоја баклава, секој ручек подготвен под сач е повик – да се навратиме на вредностите што не создавале со векови наназад. Зашто носталгијата не е само чувство – таа е мост до иднината, создадена од вкусови на минатото.





