„Галичник е филм што не престанува“ – 35 филма викендов под ѕвездено небо

35 филма од цел свет ќе бидат прикажани на 6. Галичник филм фестивал 2025 што ќе биде отворен вечерва во 20 часот на амфитеатарот кај Упија во Галичник. Осум кратки филма од Кина, Србија, Хрватска и други земји ќе бидат прикажани на првиот фестивалски ден. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Галичник е филм што не престанува“ и ќе трае до 3 август.

Во срцето на планината Бистра, фестивалот ќе биде место на среќавање за автори и публика, за смели идеи и длабоки емоции, за традиција и современост. Оваа година, програмата ќе понуди филмови што го преиспитуваат светот, што допираат длабоко, што зборуваат гласно – и тивко.
– Галичник не е само локација – тоа е став, историја и инспирација што се прелива на големо платно. Горди сме што токму тука ги прикажуваме овие 35 филмови – на место каде што секој камен има приказна, а секој залез изгледа како последен кадар. Галичник филм фестивал продолжува да ја шири културата надвор од урбаните центри и да создава простор каде автентичниот авторски глас блеска. Во амбиентот на амфитеатарот кај Упија, под отвореното небо и меѓу старите дрвја, филмот оживува со посебна топлина и магична енергија – вели директорката на фестивалот, Јана Пауноска.

Фестивалот годинава се случува без поддршка од Агенцијата на филм, но со огромна верба – во филмот, во местото, и во луѓето што не се откажуваат.

Сподели