Концерт на Дамјан Пејчиноски на Охридско лето

Гитаристот Дамјан Пејчиноски ќе одржи концерт вечерва во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на Охридско лето. Концертот беше првично најавен во предворјето на Света Софија, но поради најавите за лошите временски услови, е преместен. Пејчиноски ќе настапи заедно со бендот Дејан Милосављевиќ – ударни инструменти, Зоран Јасгоридовски – перкусии, Горан Гешовски – бас-гитара и Гордан Спасовски – пијано.

Дамјан Пејчиноски свири електрична и акустична гитара и специјализира повеќе музички стилови вклучувајќи џипси-џез, џез-фјужн, блуз, рок, кантри, традиционална македонска музика и др.

Пејчиноски започнал да свири гитара на 6-годишна возраст, но вистински интерес покажал на 14-годишна возраст. По завршувањето на основното училиште и гимназијата во родниот град Охрид, каде што живее и денес, се запишува на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров “ во Софија (2003) и на Новиот бугарски универзитет, каде добива целосна стипенидија за неговите студии во областа на џезот каде што и магистрира. Во текот на својата музичка кариера Пејчиноски има бројни национални и меѓународни настапи и награди: во 2009 година тој е финалист на Светскиот натпревар по гитара „Гитар ајдол“ во Лондон. Во 2010 година победил на два меѓународни натпревари за гитара – „Шред дис ту“ (“Shred This Too” – онлајн натпревар) и „Зиуа Китарелор“ („Ziua Chitarelor“) во Романија (настап во живо). Во мај 2010 година тој ја претставуваше својата земја како дел од Изборот за песна на Евровизија во Осло, како учесник на сцената. Во април 2013 година Пејчиноски настапува како солист со Претседателскиот оркестар на Белорусија во Минск, Белорусија. Предава во повеќе музички училишта, меѓу кои и на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што бил раководител на Катедрата за гитара како вонреден професор. Во јули 2017 година одржува 4 концерти во Кина со своето трио, каде што е примен со најголеми почести од градоначалникот на градот Ланџоу кој му ја врачува наградата „Екселенс ин перформанс“ (“Excellence in Performance“). Концертите, турнеите и мајсторските курсеви на Дамјан се одржуваат во Австралија, Кина, САД, Малдиви, Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија, Романија, Косово, Македонија и др. Тој настапувал и ја делел сцената со многу големи имиња како што се: Џенифер Батен (гитарист од бендот на Мајкл Џексон), Сту Хам (Џо Сатријани), Мајкл Ли Фиркинс, Андреас Оберг и други.

Дамјан Пејчиновски е спонзориран од компанијата за гитари „Страндберг” и е истовремено дел од уметниците кои ја претставуваат компанијата.

Сподели