Овој извонреден интерес за „Мајка“ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година – велат од француската агенција Kinology, задолжена за светска продажба и дистрибуција
Филмот „Мајка“ не е биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза пред да зачекори во својата мисија. Филмот се фокусира на клучните седум дена во кои се кршат убедувањата, верата и визијата за иднината, беше кажано на денешната прес-конференција на македонската Агенција за филм во кој беше претставен најновиот филм на режисерката Теона Стругар Митевска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“. Филмот ќе ја отвори програмата „Хоризонти“ на претстојниот 81. Венециски филмски фестивал, а од 3 декември ќе се прикажува низ европските киносали. Филмот е веќе распродаден за кинодистрибуција во повеќе од 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.

Зоран Љутков, Лабина Митевска, Гоце Смилевски и Сашко Мицевски (Од лево кон десно)
– Овој извонреден интерес за „Мајка“ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година – велат од француската агенција Kinology, задолжена за светска продажба и дистрибуција.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, изрази задоволство од меѓународниот успех на проектот и силната позиција што македонската кинематографија ја зазема на светската сцена.
– „Мајка“ е извонредно уметничко дело. Гордост е што филмот зад кој стои визијата на Теона Стругар Митевска и посветеноста на целата авторска екипа, го носи печатот на македонската креативност и професионализам. Неговото претставување на отворањето на еден од најреномираните светски фестивали е доказ дека македонската уметност може рамноправно да чекори со светот. „Мајка“ покажува дека кога уметниците се поддржани, а државата има слух за културното творештво, се раѓаат дела кои говорат на универзален јазик – рече Љутков.

Тој додаде дека држава ќе продолжи да поддржува проекти од ваков калибар, кои не само што ја афирмираат македонската култура дома, туку ù обезбедуваат видливост и признание на најпрестижните сцени ширум светот.
Филмот ќе има светска премиера на 28 август во Венеција, отворајќи го првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе бидат прикажани само два филма: „La Grazia“, напишан и режиран од оскаровецот Паоло Сорентино и македонскиот „Мајка“ на Стругар Митевска.
Таа вели дека „Мајка“ е можната приказна за жената зад митот. Во миг кога светот очекува светлина од неа, Тереза мора да се соочи со сопствените сенки.
– Ова е мојот најкомплексен филм досега. Работејќи на него си ја зедов целата слобода на израз. Во индустрија сè уште доминирана од мажи, си дозволив да понудам женска логика и светоглед на животот и фигурата на Мајка Тереза. Развојот на карактерите и нивната повеќеслојност, испреплетеноста на нивните животни приказни и преобликувачките историски настани, и пред сè, емотивната длабочина по која посегнавме во сценариото, а која ја достигнавме со виртуозното актерство, ме прават многу среќна уметница – рече Стругар Митевска.

Таа објасни дека „Мајка“ е една друга страна на една светица. Во седумте дена пред да ја започне својата мисија на чело на новоформираниот женски католички ред, таа одненадеж треба да се соочи со непредвидени и суштински предизвици што ќе ја поколебаат нејзината најдлабока верба.
– Родена скопјанка, ова албанско девојче од Македонија тргнува со чисто срце, неисцрпна енергија и желба да го менува светот на подобро преку службата на Бога. Токму пред да зачекори надвор од манастирските ѕидови ù се расплеткува човечка драма што ќе ја преврти наопаку целата нејзина верба и убеденост во редот на нештата – вели Стругар Митевска.
Според Гоце Смилевски, косценарист на филмот, „Мајка“ го прикажува моментот кога верата се судрува со човечката болка и неизвесност.
– Верував дека ваков филм мора да се напише искрено, со почит кон фактите, но пред сè со почит кон суштината на духовното искушение – рече Смилевски.

Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка. Стругар Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен на три континенти, со поддршка од нашата Агенција за филм, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери.

– Особено сум горда што со овој филм покажуваме дека Македонија има капацитет да создава висококвалитетни европски и светски филмски проекти. „Мајка“ се снимаше на три континенти, во продукциски услови што бараат највисоко ниво на професионализам и визија – рече продуцентката Лабина Митевска.
Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм рече дека сестрите Митевски одамна го имаат обезбедено своето место во светската филмска мапа. Нивната посветеност, визија и исклучителен креативен глас се двигатели на македонската кинематографија, инспирирајќи генерации автори, особено жени, да веруваат во својот капацитет и интернационален потенцијал.
– „Мајка“ е уште едно сведоштво за тоа што значи да се гради културен бренд со континуитет и уметнички интегритет. Овој момент е значаен и затоа што се совпаѓа со време во кое македонскиот филм добива системска поддршка со поголеми буџети, долгорочни стратегии и нови законски решенија што ќе обезбедат стабилни извори на финансирање – изјави Мицевски.

„Мајка“ во Венеција ќе се натпреварува во повеќе категории вклучувајќи: најдобар филм, режија, сценарио и актерски остварувања. Премиерата на 28 август е само почеток на неговото европско и светско фестивалско патување. За македонската публика, „Мајка“ ќе биде премиерно прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола. Фестивалот е посветен токму на визуелниот јазик на филмот, а „Мајка“ е филм што нуди исклучителна камера и уметнички визуелен израз, преку објективот на Виржин Сен Мартен од Белгија. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, а сценариото го потпишаа Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.
Фото: Министерство за култура и туризам





