Со 8 милиони денари ќе бидат уредени музеите на Скопското Кале што беа изградени пред повеќе од десетина години. Тврдината е веќе искосена и хортикултурно уредена. Парите се веќе обезбедени со ребалансот на буџетот. Калето денеска го посети министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалници на неколку скопски општини.
– Скопското Кале со години беше запуштено, заборавено, небезбедно. Не смееме да дозволиме местото што секојдневно го посетуваат туристи од целиот свет да изгледа како да не ни е важно. Ова е наша заедничка одговорност кон историјата, но и кон иднината – рече Љутков.

По големите археолошки ископувања на скопската тврдина, во 2012 година почна изградбата три објекти: Музеј на праисторискиот период, Музеј на средновековниот период и Музеј на отоманскиот период.
Реконструкцијата на Скопското Кале почна кон среднината на 2010 година и беше прекината откако група Македонци и Албанци се истепаа на тврдината. Немирите почнаа откако помала група Албанци неколкупати се обиде да ја оштети металната конструкција поставена на темелите од средновековната црква, каде требаше да биде изграден Музејот на средновековниот период. Во наредната година и половина на локацијата имаше обезбедување, а Калето можеше да се посети само со дозвола од Управата за заштита на културното наследство.

Музеј на праисторискиот период
Според планот, во Музејот на средновековниот период требаше да бидат изложени артефактите од тој период кои се многу богати, а беа откриени за време на големите археолошки ископувања. На средината на локалитетот има објект-кула од турско време кој се надоврзува на киклопскиот бедем од 5-6 век каде има така исто кула. Во тој музејски простор беше планирано да бидат изложени движните предмети од отоманскиот период.

Музеј отоманскиот период
Во третиот објект требаше да бидат изложени остатоци од праисториска куќа, каде ќе се гледаат сите хоризонти на живеење. Планот беше праисториската куќа да биде реконструирана, но внатре да има витрини каде ќе бидат изложени предметите од тој период. Според програмата за ревитализација, на Скопско Кале требаше да има продавници, едукативни центри, места за собирање, работилници.

Фото: Министерство за култура





