Од печат излезе книгата „Македонистичко послание“ од Кристина Николовска, издание на „Панили“. Книгата содржи студии, херменевтички толкувања, интерпретации, есеи и беседи за она што авторката го дефинира како македонистичката творечка мисија на современа македонска поезија, проза и есеистика (на втората половина на 20 и актуелниот 21 век).
– Во оваа книга, Николовска, всушност покажува интерес за т.н. „прекогнициска“ патриотска поезија, толкувајќи го феноменот преку интерпретации на поетики на реномирани современи македонски писатели. Низ децениите од втората половина на 20 век и од актуелниот 21 век, прекогнициската родољубива современа македонска поезија, преку стих, претскажува, укажува и драматично ја објавува својата загриженост за стожерните обележја на македонството: македонскиот јазик, литература и култура, името на Македонија, националните и идентитетски обележја, итн. – велат издавачите.
Според проф. д-р Веселинка Лаброска, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, ова дело на Николовска е „внатрешна историја“ на македонистичкиот творечки подвиг на мисијата на современата македонска поезија, проза и есеистика.
– Ненапишаната македонистичка историја на современата македонска поезија и на македонствувачката мисла, Николовска ја истражува и толкува во поетиките на писателите: Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Михаил Ренџов, Тодор Чаловски, Ефтим Клетников, Јордан Плевнеш, Кочо Топузовски и Раде Силјан. Македонствувачкиот подвиг на овие автори ја инспирира авторката Николовска кон длабински анализи и раскошни интерпретации. Преку херменевтичка интерпретација, Николовска ги толкува суштинските процеси на нашата македонствувачка поезија и мисла. Делото има извонредно значење бидејќи прави есеистичко „осветлување“ на нашиот македонствувачки творечки 20 и 21 век, истакнува во својата рецензија – вели Лаброска.





