Италијанска вечер со Филхармониски оркестар на театарот во Болоња ќе се одржи вечерва во 21 часот во црквата „Св. Софија“ во рамките на Охридско лето. Тие ќе изведат дела од Оторино Респиги, Антонио Вивалди, Пјетро Маскањи, Астор Пјацола и од Нино Рота. Со оркестарот ќе настапи виолинистот Давиде Алоња, еклектичен музичар со широко интернационално образование. Тој свири на инструмент изработен од Антонио Страдивари во Кремона во 1690 година, кој му е позајмен од Флоријан Леонхард, како и на виолина изработена од Анселмо Готи во 1930 година.
Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња е основан во 2008 година од дел од музичарите на оперскиот оркестар. Нивната мисија е да ја промовираат класичната музика во Болоња. Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња заедно со оркестарот во Миланската „Скала“, се единствени два ансамбла во Италија од овој вид.
Уште од основањето, овој филхармониски оркестар внимателно ја одбира програмата која ја претставува во аудиториумот „Манцони“, па така тие прават серија оркестарски циклуси на кои го изведуваат симфонискиот опус на Сергеј Рахмањинов, Лудвиг ван Бетовен и Петар Илич Чајковски. Со оркестарот настапуваат звучни музички имиња. Од 2022 година шеф-диригент на оркестарот е Роберто Абадо, и оттогаш започнува ново и значајно поглавје за овој оркестар. Меѓу другото, оркестарот настапува на престижниот фестивал „Жорж Енеску“ во Букурешт, како и на Фестивалот „Амиата“ во Италија.
Покрај редовните концерти, оркестарот особено внимание посветува на камерната музика, настапувајќи во палатата „Капрара Монпенсиер“, и настојува преку соработка со општинските власти на Болоња да ја шири музиката и надвор од централните градски подрачја.





