Македонското нематеријално наследство претставено во Загреб

Заштитата и негувањето на нематеријалното културно наследство е дел од нашата колективна национална меморија. Неговата заштита и промоција треба да е императив на секоја држава, имајќи предвид дека културното наследство е темелна државна вредност која треба да се пренесе на идните генерации. Ова се дел од заклучоците на трибината „Нематеријална култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО“ што се одржа во Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Целта на трибината беше промоција на македонското нематеријално културно наследството и продлабочување на хрватско-македонските релации во неговата заемна афирмација. Македонскиот КИЦ во Загреб ја реализира трибината во соработка со македонската Управа за заштита на културното наследство.

На трибината учествуваа м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Весела Честоева, директорка на УЗКН, д-р Мирела Хроватин од Институт за антропологија во Загреб, м-р Ивона Опетческа-Татарчевска, национален координатор за Конвенцијата 2003 за нематеријално културно наследство на УНЕСКО и проф. д-р Твртко Зебец, уметнички директор на „Меѓународната смотра на фолклорот“, голем пријател и соработник на Македонија во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство.

Во рамките на официјалната програма на најголемиот хрватски фестивал за традиционална музика и танц „Меѓународна смотра на фолклорот“, беа одбележани 10 години од впишувањето на „Гласоечкото пеење Долни Полог“ на листите на УНЕСКО со настапот на „Трио Гавровски“ заедно со Дарко Коцев, мултиталентиран инструменталист кој живее и работи во Германија. Пред многубројната загрепска публика беа претставени двете македонски нематеријални културни добра од листите на УНЕСКО – Гласоечкото пеење и македонската Гајда.

Гласоечкото пеење потекнува од Долни Полог, во селата под Шара и Жеден и е признаено е од страна на УНЕСКО во 2015 година како вокална полифона традиција на која ѝ треба ургентна заштита. Во рамките на фестивалската програма се претстави и фолклорната група „Копачката“, од село Драмче, Делчевско, уште едно македонско нематеријално добро впишано во УНЕСКО.

Сподели