Повеќе од 60 филма од современата европска кинематографија ќе бидат прикажани на 8. издание на „Бич филм фестивал“ што ќе се одржи од денеска до 27 јули во Охрид. Фестивалот ќе се одржи на четири локации. Главното отворено кино на плажата Славија, култната плажа Сараиште, бродот „Армада“ и во Младинскиот центар во Охрид.
Отворањето на фестивалот е закажано за вечерва во 20.30 часот на плажата Славија. Фестивалот има и натпреварувачки карактер, а ќе бидат доделени награди за најдобар: долгометражен, краткометражен филм, актерско остварување и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм.
За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од: Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија).
Годинава првпат и младото жири ќе додели награда: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески. Фестивалот се реализира со поддршка од: Агенција за филм, Општина Охрид, Шпанска амбасада, Гете Институт, Француски институт, Италијанска амбасада, Халкбанка и Соко.





