181 спортист во 15 спорта ќе ја претставуваат Македонија на Европскиот младински олимписки фестивал

Македонската спортска делегација на претстојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025 ќе брои вкупно 203 члена, од кои 181 спортист. Големиот настан ќе се одржи од утре до 26 јули во Скопје, Куманово и Осиек (Хрватска). Нашите претставници ќе се натпреваруваат во сите 15 спорта што се дел од програмата, што претставува историски момент за македонскиот спорт. Наши знаменосци на церемонијата на свеченото отворање ќе бидат Кристијан Смилев, натпреварувач во кајак и Матеа Поповска, одбојкарка. Тие ќе го носат македонското знаме пред очите на цела Европа.

Кристијан Смилев, натпреварувач во кајак и Матеа Поповска, одбојкарка – наши знаменосци

Станува збор за исклучително голем настан – убедливо најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме импресивна бројка од околу 6000 учесници, меѓу кои 4300 спортисти од 14 до 18 години и тренери, 700 судии и официјални лица, 200 ВИП гости и 800 волонтери, истакна Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет.

– Тоа значи дека Македонија во овие седум дена ќе пулсира со младинска спортска енергија, што ретко се гледа дури и на многу поголеми европски спортски манифестации. Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво. Ова се тие клучни години кога секој млад спортист се профилира и се гради како идно спортско име. Убеден сум дека искуството што ќе го доживеат на ЕМОФ Скопје 2025 – можноста да се натпреваруваат со врсници од цела Европа, да носат дресот на Македонија и да бидат дел од еден европски олимписки контекст – ќе им помогне побрзо да созреат и да израснат во врвни спортисти. Горди сме што успеавме да формираме толку квалитетна и бројна делегација и што им дадовме шанса на најдобрите млади таленти од нашата земја да бидат дел од ова спортско семејство. Верувам дека нивното учество ќе биде само почеток на многу успешни спортски приказни – истакна Димевски.

Спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски нагласи дека ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде најголемиот спортски настан што некогаш се одржал во Македонија – со рекорден број спортови и натпреварувачи.

-Официјалното име на настанот е Европски младински олимписки фестивал, во рамките на кој се одржуваат и спортски игри. Ова е 18. издание на фестивалот, а Македонија досега на сите претходни изданија заедно била претставувана од вкупно 50 спортисти. Македонската делегација ќе биде сместена во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, како и во Куманово, каде ќе се одвиваат натпреварите во кошарка, маунтајн бајк и друмски велосипедизам. Ова е историски момент за македонскиот спорт и организациски капацитет и вистинска шанса да покажеме дека сме подготвени да бидеме домаќини на европско ниво – рече Богоевски на прес-конференција.

Шефот на мисијата на македонската делегација, Светлана Макаровска најави дека македонските спортисти се подготвени да остават силен впечаток на ЕМОФ Скопје 2025 – со поддршка од целата јавност и со Шајни, маскотата која ќе ги води низ фестивалот.

-Станува збор за млади луѓе кои се на почетокот на својата спортска кариера и за кои ова ќе биде непроценливо искуство. Преку настапот на ЕМОФ Скопје 2025, тие ќе научат како се натпреварува и како се претставува својата земја на младински олимписки игри – што ќе им биде исклучително важно како подготовка за идни олимписки циклуси.
Особено ми е чест да ја претставам маскотата Шајни, која ќе ги симболизира олимписките вредности – пријателство, единство, почит и спортски дух – на сите настани во рамките на фестивалот. Убедена сум дека македонската јавност ќе биде силен поддржувач на овие спортисти, кои ќе дадат сè од себе и на подготовките и на натпреварите, за Македонија да се претстави не само како најбројна, туку и како најтрофејна делегација на фестивалот – изјави Макаровска.

Сподели