„Либертанго“ е насловен концертот на оркестарот на Фејмс институтот што ќе се одржи вечерва во 21 часот во црквата „Св. Софија“ во рамките на фестивалот Охридско лето. Со оркестарот ќе настапи виолинистката Русанда Панфили од Молдавија.
Фејмс Европскиот оркестарски изведувачки институт е основан во 2022 година во Скопје и е кофинансиран од проектот FAME’S, ЕУ (Креативна Европа) и Министерството за култура. Програмата на Институтот е дизајнирана да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба преку иновативна оркестарска музичка програма.
Русанда Панфили е виолинистка, композиторка и аранжерка со исклучителен музички талент по потекло од Молдавија. Таа исполнува различни музички жанрови, виолински концерти како оние на Шостакович и Сибелиус, разновидни дела од камерното творештво и широк спектар на музика за филмови од легендарните композитори, како Мориконе, Вилијамс, Зимер и Депла.
Како наградувана виолинистка, Панфили има остварено бројни настапи со меѓународно признати оркестри и диригенти низ светот. Таа негува посебна љубов кон фолклорната музика, која ја инспирираше да го создаде проектот „Панфили и пријателите“, каде што таа ги поврза љубовта кон класичната и традиционалната музика. Нејзиниот прв албум е сведоштво за нејзиниот иновативен дух и креативност за продукција на музика којашто ги надминува границите. Панфили свири на ретката и скапоцена виолина од 1610 година изработена од Г. П. Маџини.
Насловна фотографија: Ц. Стефан





