За улогата на Таа во претставата „Само глас“, актерката Звездана Ангеловска ја доби наградата за најдобро актерско остварување „Ристо Шишков“ на 29. издание на истоимениот Фестивал на камерен театар кој синоќа заврши во Струмица. Наградата ѝ ја додели жиритп со кое претседаваше минатогодишната лауретка, Александра Пешевска, а во кое членуваа Благој Чоревски и Петар Мирчевски.
– Ангеловска ни овозможи поглед во внатрешниот свет на нејзиниот лик, изнесувајќи ги своите лични ставови, а преку нејзиното ламентирање се реконструира и пошироката слика на општество од социјален, идеолошки и религиозен аспект. Таа својот лик го надградува со користење и на музички средства, во секој миг беше посветена и уверлива во својата креација на ликот, актерски моќна и стамена. Трансоформациите на ликот го покажуваат актерскиот дијапазон на Ангеловска со океанска длабочина и небесна широчина! Таа манифестираше модерен актерски израз во контекст на актуелниот глобален општествен миг – пишува жирито во образложението.
„Само глас“ од Нина Плавањац е во режија на Марјан Неќак, во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје. Ангеловска не присуствуваше на доделувањето на наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда од 1.500 евра. Наградата ќе и биде врачена дополнително. Ангеловска по втор пат ја добива наградата „Ристо Шишков“. Прв пат ја доби во 2003 година и досега е единствена која два пати се закитува со ова признание.





