Младата новинарка Цеце Николова, и самата растена без родители е иницијатор и основач на Здружението за помош и поддршка на деца без родители, односно млади кои до 18 години растеле без родителска грижа
Пишува: Александра Јуруковска
Младите растени без родители најчесто се заборавени од општеството, немаат речиси никаква поддршка во реализирањето на сопствените цели, имаат потешкотии при вработување. Едноставно кажано, откако ќе наполнат 18 години буквано се оставени сами на себе, вели младата новинарка во ТВ Алфа, Цеце Николова, и самата растена без родители. Таа е иницијатор и основач на „За тебе – Скопје“, Здружението за помош и поддршка на деца без родители, односно млади кои до 18 години растеле без родителска грижа. Главната цел на Здружението е да им помогне да решат два егзистенцијални прашања, да се вработат и да си обезбедат дом.
Цеце Николова (десно)
„За тебе“ (4U) постои веќе една година. Николова вели дека во изминатиот период вработиле многу млади во социјален ризик, најголем дел во приватен сектор. Покрај вработувањето организираат и донирање на храна која ја собираат од индивидуалци, лица кои сакаат да помогнат и на неделно ниво во 4U донираат пакети со храна.
– Оваа иницијатива го носи името „Food For You“ како истоимената група на Фејсбук. За жал во последно време сè повеќе младинци во социјален ризик имаат потреба од храна. Ги повикуваме сите индивидуалци или општествено одговорни компании кои сакаат да ја покажат својата хуманост да донираат храна и во нашата организација, која е многу потребна. Се разбира, отворени сме за секаков тип на поддршка. Лесно сме достапни, па можат да нè добијат во секое време и на социјалните мрежи – вели Николова.
Летово тие го организираа проектот „Прв летен одмор на 4U“. Николова вели и покрај пандемијата и кризата во туристичкиот сектор, наишле на огромна поддршка, разбирање и помош од угостителите во Дојран. Без никакво двоумење прифатиле да обезбедат бесплатно сместување и храна за петмина младинци кои пораснале без родители.
– Романтик, КН и Фук Так заслужуваат наклон до земја. Реализирањето на овој проект, кој се реализираше без никаква финансиска поддршка од надворешни лица е само мала најава за сè што „За тебе“ ќе го прави во следниот период – вели Николова.
На прашањето колку е општеството свесно за оваа група млади луѓе и колкава поддршка имаат од институциите Николова вели:
– Општеството генерално нема слух за овие младинци, воопшто не ги става во категорија на социјално загрозени лица. На хартија постои, но во пракса е невидена трагедија. За среќа, во последно време сè повеќе граѓани стануваат наши донатори и ни помагаат во реализирање на нашата мисија и визија. Ние почнавме да постоиме токму кога пандемијата тропна на врата и во нашата земја. Побаравме поддршка од неколку институции, приватен сектор, но не наидовме на позитивен одговор. Сè што досега сме направиле е благодарение на индивидуалните донатори без кои во моментов не би можеле да опстоиме. Навистина се надеваме и веруваме дека во најскоро време голем дел од општеството ќе покаже интерес за овие млади лица и заедно ќе изградиме мостови преку кои нивните животи ќе се движат многу полесно. Ги покануваме сите ваши читатели да бидат дел од процесот на менување на животите на младите во социјален ризик – вели Николова.