Три филма на кои како малцински копродуцент работеше „Круг филм“ од Скопје ќе имаат свои премиери на реномирани филмски фестивали во регионот и Европа, информира македонската Агенција за филм која ја даде финансиската поддршка. Станува збор за „Бумбаровото лето“ на режисерот Даниел Кушан, „Фантази“ на режисерката Кукла и „Павилјон“ во режија на Дино Мустафиќ. Македонски продуцент е Дејан Крајчевски.
„Бумбаровото лето“ е хрватска семејна авантура, игран филм за деца чија светска премиера ќе биде на 11 јули на 72. Филмски фестивал во Пула.
Словенечкиот филм „Фантази“ на режисерката Кукла ќе ја има премиерата на 78. Филмски фестивал во Локарно, Швајцарија. Филмот во август ќе биде прикажан и на Сараевскиот филмски фестивал.
„Павилјон“ на режисерот Дино Мустафиќ ќе ја има својата светска премиера на отворањето на 31. фестивал во Сараево, закажана на 15 август.





