На 18 Април, Меѓународниот ден на споменици и локалитети, почнуваме рубрика во која ќе ги претставуваме локалитетите кои се на светската листа и квалитетите поради кои се нашле на неа
Објекти кои човекот ги изградил пред илјадници години, предели кои природата ги создавала милиони години денес се наоѓаат на светската листа на природно и културно наследство на УНЕСКО – Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите Нации.
Вкупно 1.121 локалитет од цел свет се на оваа листа, а меѓу нив и Охридскиот Регион. Бисерот на Македонија е еден од 39. локалитети во светот со двојна заштита – и како природно и како културно наследство. Од нив, само седум се наоѓаат во Европа.
Во оваа рубрика ќе ви ги претставуваме локалитетите кои се на светската листа на УНЕСКО и квалитетите поради коишто се нашле на неа. Паралелно има и листа на светско наследство во опасност. Oхридскиот Регион за влакно избегна да биде впишан на оваа листа во 2019 година, на 43. сесија на Комитетот на светско наследство која се одржа во Баку, Азербејџан. На македонската делегација ѝ беа дадени дополнителни шест месеци да ги помести нештата од мртва точка и да почне да се справува со неконтролираното градење и останатите повреди во заштитената зона.
На листата на УНЕСКО, 869 локалитети се заштитени како културно, а 213 предели како природно наследство. Вкупно 53 локалитети се наоѓаат на листата во опасност, а два локалитета се избришани од светската листа, бидејќи нивната извонредност на некој начин била нарушена.
Постои и листа на чекање (тентативна листа) каде одредени локалитети се номинираат за светско наследство и се во процедура да ги исполнат условите за да се најдат на репрезентативната листа. Вкупно 1754 локалитети од 179 земји се номинирани на оваа листа. Од Македонија чекаат пет локалитети:
– Буковата шума наречена Длабока Река, која е дел од Националниот парк „Маврово“, номинирана во 2019 година;
– Архео-астрономскиот локалитет „Кокино“, номиниран во 2009 година;
– Пештерата Слатински извор, ставен на листата во 2004 година;
– Маркови кули, номиниран во 2004 година;
– Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, номинирана кон крајот на 2020 година.
Со конвенција донесена во 2003 година, членките на УНЕСКО изгласаа да се формира и светска листа на нематеријално културно наследство. На оваа листа се поместени духовни вредности кои и денес се практикуваат во светот, но се во опасност од изумирање. Од Македонија на оваа листа се впишани:
– Обичајот Четрсе во Штип – одбележување на празникот Свети 40 маченици (Младенци) на штипскиот Исар, прогласен во 2013 година;
– Орото „Копачката“ што се игра во Драмче, Пијанец, впишан на репрезентативната листа во 2014 година;
– „Гласоечко“ – машко двогласно пеење од Долни Полог, во 2015 година;
– Хидрелез, славење на пролетта, обичај што се практикува во Македонија и во Турција, ставен на листата во 2017 година;
– Обичајот со мартинките, во чија подготовка покрај Македонија учествуваа и Бугарија, Молдавија и Романија. И овој обичај беше ставен на репрезентативната листа во 2017 година.
Насловна фотографија: Pixabay





