„Снежана и седумте џуџиња“ на Битолскиот театар го отвора 20. Македонско културно лето во Пустец

Фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Албанија, ќе биде отворен вечерва во 19 часот со гостување на Народниот театар од Битола, со претставата „Снежана и седумте џуџиња“. По претставата ќе следува концертот „Мала Преспа – Голема Песна“ на Драган Даутовски и ансамблот „Илинден“.

„Снежана и  седумте џуџиња“ е правена според текст на Љубивое Ршумовиќ, но се употребени и референци од бајките на браќата Грим, во режија на Драгана Милошевски Попова, драматург Билјана Крајчевска, сценографија Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, композитор Марјан Неќак, кореограф Игор Киров, еден од најактуелните и најбарани светски кореографи.

Ова е претстава и за децата и за возрасните. Во театарската изведба на ,,Снежана и седумте џуџиња“, публиката ќе биде
сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика . Секој лик од прекрасната Снежана, низ мудрите и смешни џуџиња, до злобната кралица – оживува пред присутните, носејќи магија директно од бајката. Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а останатите улоги: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски,  Александар Копања и Марија Стефановска.

Македонско културно лето ќе трае до 5 јули, а го организира Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“, по повод 20-годишнината од своето постоење.

Фестивалот, кој претставува симбол на културната виталност и самобитност на Македонците во Албанија, нуди богата програма со театарски претстави, концерти, изложби и активности за најмладите. Настаните ќе се одвиваат на неколку локации, вклучувајќи го плоштадот „Гоце Делчев“ и Музејот на Стерјо Спасе во Глобочани.

Ќе гостуваат Велешкиот театар со „Вечера за глупаци“, ќе има изложби на фотографии од Охрид и Преспа, како
и детската претстава „Рибарот и златната рипка“ според Пушкин.

Свеченото затворање е предвидено за 5 јули во 14 часот со настап на ансамблот „Преспа“ на сцената во „Остров Мал
Град“. Настанот се одржува со поддршка на македонското Министерствот за култура и туризам.

Сподели