Фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Албанија, ќе биде отворен вечерва во 19 часот со гостување на Народниот театар од Битола, со претставата „Снежана и седумте џуџиња“. По претставата ќе следува концертот „Мала Преспа – Голема Песна“ на Драган Даутовски и ансамблот „Илинден“.
„Снежана и седумте џуџиња“ е правена според текст на Љубивое Ршумовиќ, но се употребени и референци од бајките на браќата Грим, во режија на Драгана Милошевски Попова, драматург Билјана Крајчевска, сценографија Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, композитор Марјан Неќак, кореограф Игор Киров, еден од најактуелните и најбарани светски кореографи.

Ова е претстава и за децата и за возрасните. Во театарската изведба на ,,Снежана и седумте џуџиња“, публиката ќе биде
сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика . Секој лик од прекрасната Снежана, низ мудрите и смешни џуџиња, до злобната кралица – оживува пред присутните, носејќи магија директно од бајката. Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а останатите улоги: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Копања и Марија Стефановска.
Македонско културно лето ќе трае до 5 јули, а го организира Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“, по повод 20-годишнината од своето постоење.

Фестивалот, кој претставува симбол на културната виталност и самобитност на Македонците во Албанија, нуди богата програма со театарски претстави, концерти, изложби и активности за најмладите. Настаните ќе се одвиваат на неколку локации, вклучувајќи го плоштадот „Гоце Делчев“ и Музејот на Стерјо Спасе во Глобочани.
Ќе гостуваат Велешкиот театар со „Вечера за глупаци“, ќе има изложби на фотографии од Охрид и Преспа, како
и детската претстава „Рибарот и златната рипка“ според Пушкин.
Свеченото затворање е предвидено за 5 јули во 14 часот со настап на ансамблот „Преспа“ на сцената во „Остров Мал
Град“. Настанот се одржува со поддршка на македонското Министерствот за култура и туризам.





