Меѓународен фестивал на електронска музика на летната сцена „Лепеза“ во Градски парк

Второто издание на Меѓународниот фестивал на елекронска музика ќе започне утревечер во 19 часот на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк во Скопје. Фестивалот го става фокусот врз квалитетниот електронски звук и клупска
атмосфера под отворено небо. Програмата вклучува тројца македонски диџеи кои се дел од македонската електронска сцена: Мако, Мартина Пенева и Дина. Гостин на фестивалот е реномираниот италијански диџеј Ness, чиј настап е поддржан од италијанската амбасада во Скопје, во знак на културна соработка и поддршка на современите музички движења. Ness е интернационално признат музичар и диџеј кој настапува во Европа и ширум светот, познат по својата техно продукција и иновативен пристап во електронскиот звук.

Фестивалот има за цел да создаде простор за размена, музичко поврзување и промоција на современите текови во електронската музика, обединувајќи домашни и странски диџеи и музичари, и отвори нови можности за соработка
и културен дијалог.

Влезот е слободен, а љубителите на електронскиот звук се поканети да уживаат во магијата на вечер исполнета со музика и танц, на еднa од најубавите локации во Градскиот парк.

Andrea Deplano, познат под уметничкото име Ness, е еден од водечките музичари и диџеи во светот на deep techno музиката. Роден во Сардинија, со образование во полето на аудиоинженерство. Ness е музички активен од крајот на ’90-тите и скоро две децении ги истражува и проширува границите во електронската музика. Во 2007 година отвара продавница за плочи во Сардинија, а две години подоцна ја развива својата прва издавачка куќа – Mono Records. Во 2010 година ја основа издавачката куќа The Gods Planet, преку која промовира техно музика, продукција и издавање на квалитетни албуми и ЕП-ја. Неговите настапи во живо слушателите ги носи во нова димензија на техно музиката, со вистинско доживување на звук, ритам, атмосфера. Настапува на реномирани фестивали низ Европа и ширум светот, добивајќи признанија за амбасадор на deep techno музиката.

Сподели