Јордан Симонов, Роберт Јанкулоски и Алисија Ферро добитници на почесна „Златна рамка“

Јордан Симонов, Роберт Јанкуловски и Алисија Ферро се добитници на почесните награди „Златна рамка“ на 7. издание на истоимената филмска ревија што ќе почне утре во 18 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје со проекција на пет краткометражни македонски филма. „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм ја организира Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) од утре до 28 јуни. Во рамките на изданието ќе се одржи пригоден настан во чии рамки ќе бидат врачени почесните награди „Златна рамка“. Во знак на јубилејот 75 години постоење на ДФРМ постхумно ќе бидат доделени и 7 плакети на професионалци кои со својата работа оставиле значајна трага врз македонската кинематографија: Јован Бошковски, Кирил Билбиловски, Никола Лазаревски-Никица, Јордан Јаневски, Делчо Михајлов, Ѓорѓи Ѓорѓиевски-Џокер и Милосав Крстевски-Ага.

Симонов, истакнат филмски актер (1966, Скопје), дипломирал на Факултетот за драмски уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Димитрие Османли. Во 2015 година завршил постдипломски студии на истиот факултет, на отсекот за театарска режија кај проф. Слободан Унковски. Од 1997 работни во Македонски народен театар во Скопје.

Роберт Јанкуловски (1969, Прилеп) е директор на фотографија. Тој ќе ја добие наградата за истакнат филмски автор. Дипломирал на факултетот за Драмски уметности во Скопје на катедрата по камера во 1997 година, а магистрирал во 2011 на Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА во Скопје. Основач е на Македонскиот центар за фотографија. Реализирал 42 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби насекаде во светот. Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот и носител на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделен од Министерството за култура на Франција. Во моментов е редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје.

Алисија Ферро е истакнат филмски работник. Во својата богата кариера од над 30 години како скриптерка и секретар на режија, има работено на повеќе од 60 краткометражни и долгометражни играни и документарни филмови од кои значаен дел се добитници на значајни филмски признанија.

„Златна рамка“ е филмска ревија иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција и ги отсликува вредностите и континуираната мисија на ДФРМ – унапредување на професионализмот, поврзување на филмската заедница и отворање нови перспективи за креативниот израз.

Сподели