Во Чифте амам во Старата скопска чаршија отворена е изложбата „Аквизиции и донации (2014-2024)“. Претставени се откупените и подарените дела на колекцијата на Националната галерија во период од десет години. Кустос на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, а соработник е Владимир Таневски, кустос.
– Претставувањето на аквизициите и донациите е редовна пракса во светските музеи, со што се постигнува поголема видливост на колекциите, запознавањето на јавноста со делата и авторите, со што секако се допира и едукативниот сегмент на презентацијата – велат од Националната галерија.
Според кустосите, презентацијата е една од визијата и мисијата на музејското работење – собирање, чување, истражување, заштита, презентација и публикација на музејскиот материјал. Музеите како чувари на културното богатство на делата прибавени по пат на откупи и добиени како подароци од авторите, се воедно и рефлексија на тековната уметничка практика. Од друга страна, ги потенцира приоритетите и значењето на колекциите преку континуирани откупи од страна на државните фондови и селекција од страна на стручни лица. Заради обемот на дела прибавени во последните 10 години, на изложбата се претставени селектирани дела.
Како издвоен дел од оваа селекција, изложени се и уметнички слики од легатот на Лазар Личеноски, кој зад себе остави големо наследство, движно и недвижно.
– Од 2015 година по желба на неговата сопруга Зое, куќата на Лазар Личеноски (изградена во 1961 година, по план на славниот македонски архитект Славко Брезоски) станува сопственост на Националната галерија, и врз неа тековно се изведуваат конзерваторско-реставраторски зафати. Со тоа и значителен легат на Личеноски кој содржи е 122 слики, 37 мозаици и 5 зграфита, дела на Личеноски, како и 77 дела од други автори, 21 икона (18-19 век) и голем број етнолошки, библиотечен и архивски материјал е предаден на Националната галерија – велат организаторите.
Изложбата ќе биде отворена до 31 јули.





