Студирала на две насоки на Факултетот за дизајн на мебел и ентериер, денес е асистент и е среќна што може да го пренесе знаењето

Ако сакаат да учат нешто што е креативно, применливо, модерно, и што има реална перспектива, тогаш нашиот факултет е вистинскиот избор. Тука ќе добијат знаење, но и поддршка, практично искуство и можност да се развиваат во повеќе насоки – како дизајнери, инженери, менаџери или истражувачи – вели Ана-Марија Стаменкоска. 

Инженерство на мебел и дрво и Дизајн на мебел и ентериер биле двете насоки што ги студирала паралелно на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во Скопје. Ана-Марија Стаменкоска од неодамна стана асистент на истиот факултет и ја оствари својата желба да може да пренесува знаење на новите студенти.

Бидејќи на нашиот факултет се изучува и технологијата на изработка на мебел и ентериер, важно е детално да се познаваат својствата на дрвото, вели таа. Нејзините истражувања се занимаваат и со една исклучително важно прашање, а тоа е рационалната употреба и искористувањето на суровината.

Од неодамна станавте асистент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер. Ви се оствари ли еден сон во вашата професионална кариера?

– Да, навистина можам да кажам дека ми се оствари еден од моите професионални соништа. Овој факултет за мене е повеќе од образовна институција, тука ја добив првата стручна насока, тука се формираа моите интереси, и тука ја почувствував академската љубопитност, поради која продолжувам професионално да се усовршувам. На мое големо задоволство, мојата работа ќе продолжи во институцијата што професионално ме израсна. Благодарение на континуираната поддршка и визија на деканот, проф. д-р Ѓорги Груевски, ја добив можноста да станам дел од наставниот кадар. Изборот за мене претставува чест, но и голема одговорност. Мојата прва студентска љубопитност прерасна во професионален повик. Чест е да се биде дел од тимот кој ги гради идните генерации. Сметам дека секоја можност за едукација, како и за придонес кон развојот на професијата, е нешто што треба длабоко да се вреднува.

Вие имате дипломирано на овој факултет, но овде не застана вашата желба за надградба. Може ли да ни споделите повеќе информации за тоа на која област сте и посветена?

-Мојата приказна со Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер започна во 2016 година, кога ги започнав студиите од прв циклус. Студирав паралелно на двете студиски насоки – Инженерство на мебел и дрво и Дизајн на мебел и ентериер. Веднаш по дипломирањето, се запишав на втор циклус на студии. На вториот циклус на студии имав можност да работам во областа на примарната преработка на дрвото. Таа област во мене разбуди една огромна желба да се посветам на научноистражувачката работа. На истата област продолжив и со третиот циклус на докторски студии. Станува збор за една многу интересна и комплексна област што се занимава со дрвото како суровина и ги опфаќа процесите на преработка и добивање на материјал за финална обработка. Дрвото наоѓа многу примени, а една од примените е секако за изработка на мебел. Бидејќи на нашиот факултет се изучува и технологијата на изработка на мебел и ентериер, важно е детално да се познаваат својствата на дрвото. Моите истражувања се занимаваат и со една исклучително важно прашање, а тоа е рационалната употреба и искористувањето на суровината. Рационалната употреба на суровината игра важна улога во екологијата и планското искористување на шумските ресурси.

Дизајнот на мебел и ентериер се чини во последната деценија дека станува интересна област за младите, а и област барана на пазарот. Какви се вашите сознанија? Работат ли дипломираните откако ќе излезат од факултет, токму по струка?

-Се согласувам дека оваа област добива сè поголемо значење, особено во контекст на одржлив развој, природни материјали и потребата од иновативни, но и функционални решенија. Дизајнот на мебел е комбинација од креативност, инженерство и естетика, нешто што ја прави оваа професија многу привлечна за младите. Од она што може да се забележи во праксата, голем дел од дипломираните колеги продолжуваат да работат во струка. Добар дел од нив имаат и сопствени фирми, од областа на производството на мебел, или самостојно се занимаваат со проектирање на ентериери. Се работи за многу перспективна и барана професија. Факултетот постои од 2010 година, и за 15 години постоење може да се каже дека има создадено навистина стручен и препознатлив кадар на пазарот на трудот. Пазарот бара стручни кадри кои имаат конкретно знаење, а токму тоа го нуди нашиот факултет. Би нагласила дека нашите студенти се подготвуваат, пред сè, да бидат инженери, способни својата идеја да ја претворат во реализација. Токму затоа, се изучуваат и технологијата на производство на мебел и својствата на материјалите, со што се овозможува креативната мисла да прерасне во конкретен производ.

Каков, според вас, треба да биде еден современ професор, без разлика на која област е посветен?

-Современиот професор треба да биде мост меѓу знаењето и примената. Не само да предава, туку и да води, да инспирира, да биде пример. Современиот професор треба да биде и повеќе од предавач, тој треба да биде ментор и мотиватор. Особено денес, кога студентите имаат пристап до информации преку различни дигитални платформи, улогата на професорот не е само да пренесе знаење, туку да насочува и да поттикнува критичко размислување. Студентите треба да се охрабруваат да ја користат технологијата, но важно е да се насочат да ја употребата на вистински начин. Потребно е и континуирано професионално надградување, бидејќи светот, технологијата и пазарот постојано се менуваат. Студентите треба постојано да се мотивираат да ги надоградуваат своите знаења и професионално да се усовршуваат. Образованието е највредната инвестиција што еден млад човек може да ја даде за себе. На факултет, освен што еден студент се гради професионално, тука настанува и личен развој и се оформуваат вредностите. Сметам дека професорите, освен што учествуваат во професионалниот развој, имаат и влијание на развојот на личноста и перцепцијата на студентите. Ова треба да се разбере и како многу одговорна општествена улога, бидејќи се оформуваат идните генерации кои треба да придонесат кон подобрувањето на заедницата.

Кога би можеле, што би промениле во високото образование кај нас?

-Образованието не смее да биде статично, треба постојано да развива во чекор со општеството и технологијата. Би започнала со охрабрување на поголема поврзаност помеѓу факултетите и реалниот сектор. Потребна е системска поддршка за практична настава како и вклучување на студентите во проекти од праксата. Би поттикнала поголема поврзаност со реалниот сектор, преку практична настава, заеднички проекти и истражувања. Нашиот факултет има добра соработка со индустријата и има склучено договор за пракса со многу компании од целата држава, во кои студентите имаат можност за практична работа и во кои го имаат првиот реален контакт со професијата. Дополнително, би се залагала за флексибилност во наставните програми, интердисциплинарен пристап и поддршка на младите истражувачи. Особено важно е да се обезбеди поддршка за младите истражувачи, преку финансирање на научноистражувачки проекти и создавање услови за академски развој. Ме радува што во последниот период се забележуваат позитивни иницијативи во оваа насока, и се надевам дека тие ќе продолжат со уште поголема динамика и поддршка од институциите. Научноистражувачката работа не е само лична амбиција, туку и начин да се придонесе кон решавање на реални проблеми во индустријата и заедницата. Таа треба да биде вреднувана, бидејќи токму преку истражувањето се отвораат нови можности за одржливост и иновации.

Што би им советувале на матурантите што се размислуваат дали можеби е добро да дојдат и да студираат на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер?

-Би им порачала да размислат што навистина ги исполнува и во што се гледаат себеси во иднина. Ако сакаат да учат нешто што е креативно, применливо, модерно, и што има реална перспектива, тогаш нашиот факултет е вистинскиот избор. Тука ќе добијат знаење, но и поддршка, практично искуство и можност да се развиваат во повеќе насоки – како дизајнери, инженери, менаџери или истражувачи.

Дополнително, како дел од  заложба на факултетот за поддршка на младите таленти, во соработка со компании од мебелната и дрвопреработувачката индустрија, на студентите запишани во прва година им се доделуваат стипендии. Ова е можност што вреди да се искористи и што носи сигурен почеток во професија со јасна и реална перспектива.

Сподели