Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде изведен танцовиот перформанс Body Line of Thought на „Тангај колектив“. Перформансот трае 45 минути, наменет е за публика над 16 години, а се одржува вп рамките на „Перформанс платформа фестивал“. Кореографки се Симона Деаконеску (Романија) и Ванеса Гудман (Канада). Настапуваат: Симона Дабижа и Марија Луиза Димулеску на оригинална музика од „Монокјуб“.
Танцовиот перформанс BLOT (акроним за Body Line of Thought) го истражува движењето во однос на бактериите во нашето тело. Перформансот го претставува телото како меѓусебно поврзан систем, истовремено и силен и кревок. Осмислен како хибридна претстава, спој на конференција и кореографска изведба, BLOT зборува за сличностите меѓу луѓето и животните – потење, мирис, репродукција, физичка активност и имунитет. Перформансот се осврнува на начинот на кој бактериите влијаат на овие процеси и нè поврзуваат со планетата, како на микро така и на макро ниво.
BLOT започнал во 2020 година за време на резиденција во Cultivamos Cultura во Сао Луис, Португалија, откако двете кореографки биле избрани за резидентни уметници во рамки на Biofriction, европски BioArt проект, кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија. Во текот на изминатите години, перформансот беше изведен на фестивали низ Романија, Канада, Мексико, Шведска, Полска и Бугарија, стекнувајќи признание на престижни меѓународни платформи. Оваа изведба е овозможена со поддршка од Perform Europe, како дел од проектот Body Landscapes. An Ecofeminist Perspective., Министерство за култура на Република Македонија и Фондацијата „Хајнрих Бел“.





