Постхумна промоција на „Епископијата на Брегалница и Моробисдон (7-14 век)“ од Кирил Трајковски

Во Археолошкиот музеј во Скопје утре во 12 часот ќе се одржи постхумна промоција на „Епископијата на Брегалница и Моробисдон (7-14 век)“, капитално научно дело на археологот Кирил Трајковски. Приредувач на изданието е Ана Јорданова-Дубровска. Промотори на книгата се проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс и Паско Кузман.

– На настанот ќе се потсетиме на ликот и делото на Кирил Трајковски, но и ќе ја афирмираме неговата оставнина како инспирација за идните генерации научници – велат организаторите, Археолошкиот музеј и Фондацијата „Кирил Трајковски“.

Монографијата е резултат на децениска теренска и кабинетска работа, инспирирана од стремежот на авторот да ги обедини археолошките, историските и христијанските извори за еден од најзначајните духовни и културни центри на источното подрачје на денешна Македонија. Со прецизна анализа и стручна посветеност, Трајковски ги расветлува улогата и значењето на епископијата во Моробисдон и го позиционира во пошироката рамка на византиската и средновековната историја.

Во предговорот на изданието, Кузман го истакнува трудот на Трајковски како редок пример на синтетичка научна мисла која рамноправно се потпира на теренски археолошки факти и историско-критичка анализа. Делото не претставува само научен подвиг, туку и историски сведок за еден истражувачки живот исполнет со посветеност, методологија и искрена љубов кон археологијата.

Сподели