Наместо да го градиме како „турлитава-обичен фестивал“, „Инфјужн“ го градиме во фестивал кој од 11 до 15 јуни низ 50 настани поделени во 5 тематски денови на 5 различни локации во Скопје, нуди врвни и инспиративни доживувања во областа на театарот и перформансите, уметноста, музиката, спортот, друштвените игри и популарно наречениот гејминг
Има луѓе во компаниите кои сакаат да не чујат, но 90 отсто нè ставаат во спам-фолдерите, несвесни дека секој од нив или најблиските утре може да е дел од нашата заедница, која во никој случај не треба да е цел за сожалување. Луѓето, одговорните лица се отворени за промени, но системските промени не ја следат таа индивидуална подготвеност, вели Гере Трипков од Здружението „Икуалити“ кое од утре до 15 јуни на пет различни локации во Скопје ќе го реализира 4. издание на Фестивалот за инклузија „Инфјужн“.

Гере Трипков
Како се развива оваа приказна и какво влијание има врз луѓето и публиката?
– Од еднодневен настан пред 4 години, до фестивал кој денес прерасна во патоказ за моќта на ко-креирањето и споделувањето. Од самиот почеток, во 2022 година, посакував да немаме крута форма и програмски активности, за да можеме да го прилагодиме фестивалот на „новите времиња“. Како и во животот, да делуваме трансформативно за заедниците, но и енергетски, да носиме свежина и ведрина, да инспирираме, поттикнуваме. И секако да сме релевантно друштво и мотив за младите!

„Инфјужн“ – Фестивалот на инклузија соединува, не дели. Создава трајни и искрени пријателства, гради мостови каде тоа е незамисливо и креира платформа за разбирање и љубов помеѓу сите, без оглед на возраста, социјалниот статус, верската или каква било друга припадност.
Што ќе донесе фестивалот годинава? Најавувате 50 настани во пет дена. Тоа е амбициозна програма.
– Убави времиња и луѓе заслужуваат убави нешта. Не само што имаме 50-тина настани, туку 4. издание на фестивалот „Инфјужн“ како единствен кај нас нуди искуства кои допираат во сите нас длабоко. Наместо да го градиме како „турлитава-обичен фестивал“, го градиме во фестивал кој од 11 до 15 јуни низ 50 настани поделени во 5 тематски денови на 5 различни локации во Скопје, нуди врвни и инспиративни доживувања во областа на театарот и перформансите, уметноста, музиката, спортот, друштвените игри и популарно наречениот гејминг. Работилници, претстави, концерти, изложби, базари, форуми, утринска јога, латино-танци и дружење за сите генерации и за сечиј вкус. Што нè разликува од другите фестивали? Воведуваме нови, несретнати стандарди во културата. Ова е нова ера во културата кај нас, а благодарение на нашиот фестивал и експертиза, тоа ќе биде за прв пат овозможено.

Сите наши настани се пристапни и за лица со инвалидски колички или физичка попреченост. Дополнително, внесуваме иновативни концепти во постоечките уметности и институции кај нас. На пример, настанот Водени тури со знаковен јазик на поставките во Музејот на современата уметност, Тивки дружби – настан каде ќе пиеме кафе и ќе комуницираме без да говориме, односно – невербално или пак перформансот на германското дуо „Скин“ во Театар Комедија, каде ќе сведочиме на културен перформанс на лице со попреченост и без попреченост. Овозможуваме инфраструктурно приспособување на институциите и за актери, уметници и посетители и со попреченост. Ги покануваме сите љубители на фестивал кој инспирира преку забава, уметност, театар, игри и спорт да ни се приклучат од 11 до 15 јуни во Паркот „Македонија“ во Кисела Вода, како и на други 4 локации, како дом на култура, кафуле, музеј, театар. Сите подробности ги имате на нашата интернет страна или социјалните мрежи.
Каква е поддршката од државните институции, но и од приватниот сектор за овој фестивал?
– Потребно прашање, благодарам! За да го опфатиме пристапот на приватниот сектор, сепак би ни требало друго интервју. Има луѓе во компаниите кои сакаат да не чујат, но 90 отсто нè ставаат во спам-фолдерите, несвесни дека секој од нив или најблиските утре може да е дел од нашата заедница, која во никој случај не треба да е цел за сожалување. Напротив, крие во себе огромен потенцијал и амбиција. Ако зборуваме за институциите, имаме прекрасна соработка со одредени општини, на пример Општина Кисела Вода или со Министерството за култура. Луѓето, одговорните лица се отворени за промени, но системските промени не ја следат таа индивидуална подготвеност. Фали стратешко делување и планирање, компетентност и финансиска поддршка за институциите да не прифатат и нас, лицата со попреченост, како во публика, така и на сцена! Замислете, само три културни институции во Скопје имаат пристапен тоалет за лица со попреченост, само една институција има пристапна сцена за актери со попреченост. Културна дискриминација создава отуѓеност во највисоката форма, исклучувајќи не од општествениот и друштвениот живот.

Но, тука сме ние. Како Здружение „Икуалити“ и Фестивал за инклузија „Инфјужн“ ги премостуваме недостатоците во институциите кои реално се далеку зад условите во западно-европските институции. Нашата цел е да помогнеме на институциите да фатат чекор со западно-европските високи стандарди за диверзитет, пристапност и инклузивност. Тоа го правиме веќе напорно 4 години, а од оваа година носиме и странски искуства. Помагаме културните работници, одговорните лица и целото општество да биде остроумно, а не да ги трга погледите од продорната енергија која ние како 20 отсто од популацијата може да ја понудиме на целото општество.
Како човек којшто многу работи на полето на инклузијата со години, сметате ли дека имаме позитивно движење на оваа тема – во смисла и на надминување на одредени предрасуди и стереотипи кај луѓето, но и реална работа на институциите што треба да работат на нејзиното подобрување?
– Искрено? Нашата општествена мантра „уживај, ќе се среди“ нè доведе до момент самите граѓани да креираат повеќе промени, отколку што би требало да се иницира во институционалните рамки. Гледано низ призма на општествената свест, состојбата е подобрена. Но, знаете каде? Во колективната свест кај најмладите. И од таму, ние како Здружение „Икуалити“ и Фестивал „Инфјужн“ целосно се посветуваме на младите од 7 до 27 години. Интеграцискиот пристап на фестивалот „Инфјужн“ е нешто што е свежина во општествениот етер. Поколението од минатиот век ја загуби можноста да направи суштествени промени, а на поколенијата од 21 век останува да ја редимензионира перцепцијата, да создаде пат за разбирање, прифаќање и напредок кога се работи за процесот на диверзитет и инклузија.

Нашето мото на овогодишниот фестивал е „Шири љубов. Уривај бариери и предрасуди. Менувај, создавај, инспирирај.“ Порака до младите: Не оставајте да ве понесе искуството на средината каде живеете. Да ве обземе негативната перспектива за нашето заедничко утре. Дојдете на 4. фестивал „Инфјужн“ да креираме, да бидете свои, оригинални и прифатени. Иднината ќе биде прекрасна, но мора да ја градиме со помош на Вашата енергија и посветеност!
Корисни линкови:
Официјална страница: www.if.equality.agency
Инстаграм профил: www.instagram.com/infusion.fest
Фото: Здружение „Икуалити“





