Изложба на дела од австриски фотографи и концерт во КИЦ

Изложба на дела од австриски фотографи ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Еден час подоцна, во Салон 19:19 концерт ќе одржи познатата австриска харфистка Моника Штадлер. Куратор на изложбата е Герхард Грос.

– Грац, вториот најголем град во Австрија, од 1950-тите години наваму се развива во центар за продукција и комуникација на прогресивната фотографија. Оваа традиција продолжува и денес и претставува основа за исклучителната големина и разновидност на оваа фотографска сцена. Изложбата претставува избор од 25 авторски фотографии кои ја покажуваат живоста, современоста и разноликоста на оваа сцена – велат од КИЦ.

Најстариот автор е роден во 1940, а најмладиот – во 2005 година. Темите што ги опфаќа изложбата се широк спектар на актуелни општествено-политички и културни прашања: климатски промени, миграција, родови аспекти итн. Застапени се техники: камера обскура, соларна фотографија, стереоскопија, фотограм, слики кои критички се осврнуваат на вештачката интелигенција. Меѓу изложените дела се од авторите: Joerg Auzinger, Elsbeth Ebenberger, Nici Eberl, Michael Goldgruber и други.

Сподели