Не сум зависник да форсирам со темпо, самиот процес на трчање е тоа што ме исполнува, психофизичкиот мир, едноставно да не можеш мислата да ја водиш како што ти одговара, вели Николовски
Кларинетистот на групата „Фолтин“, Пеце Николовски од пред неколку години му се врати на едно подзаборавено хоби – трчањето. Почнал да трча во 90-тите дури бил студент, трчањето му било речиси секојдневие, но како што вели, „во 2003-та се оженив и ме понесоа обврските“.
Единствена трка на која Пеце учествува во изминатите три години е „Трчај бе“, што се организира во неговата родна Битола. Утре ќе се обиде да го истрча својот прв полумаратон.
– Немам предизвик да одам по трки. Оваа трка е во Битола и многу ми е интересно учеството на неа, оти како да ми се заокружува целата моја активност со трчањето. И се чувствувам како победник на самиот себе, зашто борбата секогаш е со себеси. Немам потреба од докажување пред јавноста, едноставно убаво е чувството да трчаш низ сопствениот град, што го одиш секој ден и го доживуваш многу специјално. Тој ден улиците се таму само за тебе – вели Николовски.

Вели дека посериозно почнал повторно да трча пред четири години. Ја сака промената што ја предизвикува оваа активност кај него и пред сè го одржува во подобра психофизичка состојба. За три години ослабнал околу 30 килограми.
– Му се вратив на трчањето зашто сакав да преземам мерки со мојата килажа, имав прекумерена тежина. На почетокот многу повеќе внимавав и на исхраната, во еден момент престанав да се окупирам со храната, но продолжив со трчањето. И сега се придружувам на некој ред, не јадам шеќер, не пијам газирани сокови, некои работи што претходно сум ги сакал едноставно ми станаа грди – вели кларинетистот на „Фолтин“.
Покрај вежбањето и одењето во теретана научил која храна како му влијае и како ја поднесува неговиот организам.

Пеце Николовски
Најчесто трча преку еден ден и не се држи до некакви програми. Годинава се фокусирал на подолги патеки и должини.
– Не сум зависник да форсирам со темпо, самиот процес на трчање е тоа што ме исполнува, психофизичкиот мир, едноставно да не можеш мислата да ја водиш како што ти одговара, таа си тече без да можеш да си најдеш оправдувања за слабостите и несигурноста. Ти ја оформува вистината трезвено и без влакна на јазикот. Ја чистиш главата. И се случува трансцедентална состојба, се чувствуваш пријатно – вели Пеце и додава:

– Најчесто трчам рано наутро кога сите спијат, а кога другите ќе се разбудат јас веќе имам завршено и никој не го забележува моето отсуство.
Какви услови имаат ентузијастите во Битола за трчање? Нема патеки за трчање, вели тој.
– Има патека која не е добра, таа е со бекатон плочки, повеќе е патека за пешачење. Ми фали подобра патека. Надвор од градот има асфалтен пат до грчка граница, но тоа не е секогаш најдобар избор – вели Пеце.
Трчањето е активност за која треба сами да се активирате, да се навлечете, не може некој да ве убеди. Тој смета дека трката „Трчај бе“ влијаела многу позитивно на развојот на желбата за трчање на битолчани.
– Не може да има развој на атлетиката и на слични дисциплини без ваква трка. Јас припаѓам на постара генерација. Во 90-тите беше поинаку да трчаш, трчаа една рака луѓе во цел град. Денес не е така, во кој било ден да одиш има некој што трча. Се реобнови атлетски клуб, наутро ќе видите тренинзи на младинци. Тоа е убава слика. Некои велат дека е помодарство во прашање, па и да е, кога е за убава работа – нека биде и помодарство – вели Николовски.

Што му е најубаво на „Трчај бе“?
– Најубавиот дел од целата трка ми е што нема возила по улиците по кои трчам за време на трката. Си го гледам градот од сосема поинаков аспект.
Од летово си открил ново хоби. Во Дубровник добил идеја да го запознае градот преку трчање, откривајќи интересни патеки. Тоа му се видело многу интересно.

По истрчаните 10 км лани, Пеце имаше енергија и да настапи со „Фолтин“
Пеце Николовски по вокација е наставник. Предава информатика и техничко образование во училиштето во општина Новаци. Кларинетот го научил целосно самоуко. Првите лекции ги добил од татко му, но за сè друго сам се заинтересирал. Во август заедно со „Фолтин“ прославија 25 години од нивниот прв концерт на Хераклеја.
Насловна фотографија: Трчај бе





