Пештерата во минатото не била случајно користена. На тоа укажува релјефот околу неа и добрата прегледност кон околината и реката Треска, велат археолозите
Камени алатки и материјални наоди карактеристични за неандерталската популација, истражуваа археолозите на локалитетот Голема Пешт кај селото Здуње. Истражувањата биле насочени кон новоотворената сонда 5, на 13 метри од влезот, во северниот дел од пештерата, кој е повеќе заштитен од надворешни влијанија.
– Во четирите метри квадратни и длабочина од 60 сантиметри се документирани четири слоја. Во овој простор се откриени повеќе горилишта со јаглени и броен археолошки материјал. Во однос на претходните истражувања, камените алатки се поразновидни суровински и типолошки и поголеми по димензии. Наодите од животински коски се двојно побројни во однос на камените артефакти – соопшти Археолошкиот музеј од Скопје, институција која ги спроведе истражувањата.

Локалитетот се наоѓа во близина на село Здуње, кај Македонски Брод, на 65 километри од Скопје. Пештерата во минатото не била случајно користена. На тоа укажува релјефот околу неа и добрата прегледност кон околината и реката Треска, денес вештачка акумулација Козјак.
Раководителка на ископувањата беше Љиљана Шаламанов-Коробар, која со години го истражува локалитетот. Учествуваа и археолозите Благоја Китановски, Марина Спирова, Перо Синадиновски, Антонија Сарделиќ, архитект, Иван Жежовски, спелеолог и Ванчо Ханџиски – логистика.
Првите сознанија за локалитетот се добиени од пробни сондирања на крајот на минатиот век, а систематските археолошки ископувања се одвиваат од 2003 година. Низ годините откриен е богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат камени орудија/оружје и животински коски. Предметите се откриени во 21. слој чија дебелина изнесува 5,5 метри. Археолозите велат дека најголем дел од камените артефакти се состои од јадра и одбитоци што го чинат технолошкиот процес од суровина до готово орудие: кршење на јадра, обиди за тестирање, одбитоци со кора, одбитоци со различни димензии, поправка и доработка, лушпи од ретуш. Од типичните орудија и оружје откриени се струшки, назабени и со засек орудија, шилци и др. Поголем дел од нив се изработени од кварц – бел и проѕирен, а од другите суровини се употребува: базалт, риолит, јаспис, кварцит и кремен.

– Животинските коски потекнуваат најмногу од елени, во помал број од говеда, козорози, диви свињи, диви мечки, хиени, птици и др. Остатоците од животински коски упатуваат не само на храна туку и на намерна обработка од страна на жителите.Пештерата за живеалиште била користена во долг временски период од 100.000 год. п.н.е. до 40.000 г.п.н.е. согласно археолошките наоди и хемиските анализи – велат археолозите.
Паралелно со археолошките ископувања издвоен е материјал за неколку вида на анализи: животински заби со седименти за Електро Спин Резонанса која ќе се прави во одделот за хемија на Вилијам Колеџ, Научно истражувачки институт РФК од Њујорк и лабораторија Томсон, САД и седименти за ОСЛ и ДНА анализи во лабораториите на Институтот „Макс Планк“ во Германија.
Фото: Археолошки музеј





