Едукативна тура низ неолитското село Тумба Маџари

Едукативна тура низ неолитското село Тумба Маџари во истоимената скопска населба, утре ќе одржи Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“.  Преку интерпретација, игри и загатки, посетителите ќе може да стекнат искуство од прва рака, додека во живо ги посетуваат реконструираните домови од периодот на камено доба кои се опремени со покуќнина. Тие ќе можат и одблиску да ги истражуват изложените копии на предметите пронајдени токму на археолошкиот локалитет Тумба Маџари.

– Целта на едукативната тура е промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на Македонија од праисторискиот период кое оставило трага во колективната меморија на главниот град – велат од „Хаемус“

На крајот на прошетката најмладите ќе можат да изработат предмет од глина кој ќе можат да го понесат дома за спомен. Секое дете до 14 години ќе добие подарок – „Археолошка тетратка“ за млади истражувачи во издание на „Хаемус“.

Турата е дел од образовната програма „Млад истражувач“ на Центарот, организирана под мотото на УНЕСКО за Отворени едукативни ресурси (ОЕР). Настанот е логистички поддржан од Град Скопје, Општина Гази Баба и компанијата ЕуроДанвест.

Сподели