Две сребра и една бронза за младите математичари на БМО 2021

Средношколците Никола Спировски и Лука Грашкоски освоија сребро, а Јасна Илиева – бронзен медал на Балканаска математичка олимпијада (БМО 2021). Пофалница доби Блаже Суклевски, а успешно се претставија и Дамјан Давков и Марија Атанасова, соопшти Сојузот на математичарите на Македонија.

Лидер на тимот беше Никола Велов, заменик-лидер Петар Филиповски, а набљудувачи беа професорите Мирко Петрушевски и Ѓорѓи Маркоски. Во подготовките на тимот учествувал и Илија Јовчески.
– Чест и задоволство ни е да ве известиме за уште еден голем успех на македонската репрезентација на БМО 2021, која се одржа на Денот на независноста 8. Септември. За прв пат во последните 15 години нашата екипа освои два сребрени медала – соопшти СММ.

Формален домаќин на Олимпијадата беше Кипар. Нашата екипа се натпреваруваше виртуелно во просториите на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Натпреварувачите решаваа четири задачи за 270 минути.

Сподели