„Чиста куќа“ е претстава за длабоката човечка приказна за животот и смртта, раскажана преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на љубовта, вели режисерката Тамара Стојаноска. Претставата на авторката Сара Рул, во продукција на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде премиерно изведена утревечер во 20 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата, дизајнот на плакатот и на рекламниот материјал е Филип Коруновски. Играат: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска-Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.
– Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството, во нашиот случај, преку вицови како средство за преживување, бегство и поврзување.
Секој лик носи во себе различна тежина, нерешени болки кои ги гледаме преку односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во нашата приказна, вицовите стануваат филтер, еден вид „фасада“ и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да не насмеат, тие се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата во свет кој понекогаш е премногу болен за да се прифати таков каков што е – вели Стојаноска.





