„Тајна“ е насловот на самостојната изложба од Мирјана Крстева-Масети која задутре (28 мај) во 18 часот ќе биде отворена во Cite‘ internationale des arts во Париз. Таа ќе се претстави со дела работени во последниот период. Крстева-Масети вели:
– Огромна е честа и одговорноста да се претставува Македонија во градот на уметностите, Париз.
Изложбата претставува сублимат од визуализирани размисли за сопственото постоење. Таа ќе се претстави со дваесеттина дела работени во комбинирана техника кои демистифицираат една тајна, како синтагма за едно патување низ универзумот.

„Љубов, Време, Ти… Демистификација на тајните, позитивно интонирана лага, маглива страст, апстрахирано време, фатална инерција… Заклучена во сопственото сознание се прашувам дали некогаш некој избегал од судбината… Се прашувам дали има нешто поважно од страста? Страста со која го живееме животот…“, ги пренесува авторката своите размисли.

Таа додава дека оваа изложба е истражување на толкувачки секвенци. Не за објаснување на стварноста, туку обид да креира една.
– Трагајќи по вистината, барајќи одговори на сè уште непоставени прашања преку интуитивна експресивност создавам апартен свет, свет од другата страна на огледалото. Трансмутацијата на самосвеста ја доживувам како суптилна интерпретација на мојата реалност преку ликовното. Модусот на осуштествување на ова истражување е енигматична игра. Делата се отелотворени преку синхрон на повеќе ликовни елементи – вели Крстева-Масети.





