Во 17-от век, медиумите биле инструмент на елитата за контролирана и селектирана комуникација. Денес, медиумите се динамично поле на масовна партиципација, каде моќта е делумно децентрализирана, но предизвиците за вистината, кредибилитетот и јавниот интерес се поголеми од кога било
Проучувањата на тековните трендови во сферата на масовните медиуми и како новите комуникациски технологии влијаат врз културата и општествените процеси се главен фокус на двете книги од комуникологот Сеад Џигал, доктор по политички науки и универзитетски професор. И двете се различни и опфаќаат исклучително интересни теми. Првата „Политичката комуникација во онлајн медиумите“ објавена на македонски јазик и втората објавена на англиски јазик „Digital Babylon“ („Дигитален Вавилон“). На книгите работел во изминатите 5-6 години и се дел од неговите истражувачки активности во овој период.
– Главен фокус во нив се проучувањата на тековните трендови во сферата на масовните медиуми и како новите комуникациски технологии влијаат врз културата и општествените процеси. Овие длабински промени се одвиваат многу динамично и вистински предизвик е да се следи како постапно навлегуваме во една целосно нова ера во историска смисла. Во еден научно-популарен стил тие се обидуваат да го поттикнат интересот за овие теми и нивната важност, како и да го мотивираат читателот да ја развија својата критичка свест и способност за заштита од негативните влијанија на комуникациските технологии.
Професор сте и доктор по комуниколошки науки, повеќе од две децении ја следите состојбата во медиумите глобално и на домашен терен. Во каков ритам се развиваа македонските медиуми во изминатите години во однос на светските? Дали каскавме некаде, дали можеби предводевме некои појави?
– По почетокот на 90-те години, со распадот на поранешна Југославија и стекнувањето независност на Македонија, се случи значајна плурализација на медиумската сцена, која беше нераскинливо поврзана со процесот на демократизација на македонското општество. Овој период се одликуваше со отворање на нови медиуми, слобода на изразување и поголем пристап на јавноста до информации. Меѓутоа, со текот на времето, овој позитивен тренд почна да се менува, при што медиумскиот простор постепено беше зафатен од две паралелни и меѓусебно поврзани појави: засилената комерцијализација и зголемената партизација на медиумите. На тоа само се надоврза дигитализацијата и засили многу од негативните појави.
Комерцијализацијата доведе до тоа медиумите сè повеќе да се ориентираат кон профит, при што се намалуваше фокусот на јавниот интерес, а се зголемуваше тежнеењето кон сензационализам и привлекување публика по секоја цена. Истовремено, партизацијата доведе до силна поврзаност на медиумите со политичките центри на моќ, што резултираше со пристрасно известување, еднострано претставување на информации и отсуство на критичка и независна новинарска мисла.
Како резултат на овие процеси, денес сме сведоци на медиумски систем кој е целосно презаситен со различни медиумски канали и содржини, но во кој доминира политичката поларизација, агресивната таблоидизација и драматично ниските новинарски стандарди. Наместо да ја информираат јавноста на објективен и професионален начин, голем дел од медиумите денес се занимаваат со креирање сензации, ширење дезинформации и служење на интересите на одредени политички или бизнис структури. Овој тренд сериозно го поткопува квалитетот на демократскиот дискурс и ја загрозува улогата на медиумите како „четврта власт“ во едно слободно граѓанско општество.
Во „Политичката комуникација во онлајн медиумите“ давате убава ретроспектива на појавата на медиумите од 17 век, сè до ерата на електронските медиуми. Може ли да ни направите една брза дијагонала на овој развој? Која била суштината на медиумите во 17 век, која е денес?
– Во 17-от век, појавата на првите печатени весници во Европа ја означи почетната точка на развојот на масовните медиуми во модерна смисла. Во оваа фаза, медиумите главно служеле за информирање на трговци, интелектуалци и политички елити за настани од домашна и меѓународна важност. Тие биле скапи, ограничено достапни, и се сметале за луксуз на едуцираните класи. Информацијата била ретка и драгоцена, а медиумите биле алатка за контрола и влијание.
Со индустриската револуција во 19-от век медиумите стануваат подостапни за пошироката јавност, а информирањето почнува да се поврзува со јавниот интерес. Медиумите стануваат мост меѓу граѓаните и власта, катализатор на општествени промени и јавен простор за дебата.
Во 20-от век, со појавата на електронските медиуми, прво радиото, потоа телевизијата, комуникацијата станува побрза, пореална и подиректна. Медиумите добиваат масовна моќ: информираат, едуцираат, забавуваат, но и обликуваат мислења и ставови. Истовремено, државите и политичките структури сè повеќе се обидуваат да ги контролираат медиумските наративи.
Во 21-от век, со експанзијата на интернетот и социјалните мрежи, влегуваме во ерата на дигиталните и онлајн медиуми. Секој граѓанин може да биде креатор на содржини, новите медиуми се брзи, интерактивни, персонализирани, но често нефилтрирани и хаотични. Денес, медиумите не само што информираат, туку и манипулираат, поларизираат, мобилизираат и често дезинформираат. Од некогашен извор на селективна и ретка информација, медиумите се претворија во 24/7 платформи за глобална комуникација, каде вистината и лажната вест често се натпреваруваат за внимание.
Накусо, во 17-от век, медиумите биле инструмент на елитата за контролирана и селектирана комуникација. Денес, медиумите се динамично поле на масовна партиципација, каде моќта е делумно децентрализирана, но предизвиците за вистината, кредибилитетот и јавниот интерес се поголеми од кога било.
Во книгата давате една интересна забелешка, дека во последниот век медиумите го изгубиле приматот на фокус на јавното добро, за сметка на правење личен профит или постигнување на негов интерес. Колку масовната јавност е свесна за овие факти?
– Одлично прашање, и навистина суштинско кога зборуваме за улогата на медиумите во современото општество. Во последниот век, особено со глобалната комерцијализација на медиумскиот простор и појавата на дигиталните медиуми, забележуваме јасна промена во фокусот: од служење на јавниот интерес кон максимизирање на личен, политички или корпоративен профит. Тоа се манифестира преку сензационализам, кликбејт наслови, партиски наклонето известување и популистички содржини што привлекуваат внимание, но не ја збогатуваат јавната дебата.
Масовната јавност е во одредена мера свесна дека медиумите имаат свои агенди. Луѓето често кажуваат дека „медиумите лажат“ или дека се „во служба на некој“, што покажува еден вид критичка дистанца. Сепак, таа свесност често не води кон медиумска писменост или критичко консумирање на содржини, туку повеќе кон недоверба во медиумите во целина, што, пак, создава простор за теории на заговор и радикални наративи. Но, има и еден момент, кога јавноста е свесна за медиумските манипулации, и ги толерира поради некои потесни лични интереси, така што го жртвува јавниот интерес и вистината за лична добивка. Ова е многу штетно.
Втората книга има интересен наслов. Како денешната состојба во медиумите ја врзавте со библиската приказна за Вавилонската кула?
– Интернетот и дигиталните медиуми започнаа со идеалистичка амбиција: да го обединат светот, да ги демократизираат информациите, да создадат глобална комуникација без граници. Тоа беше нашата модерна „кула“, симбол на технолошка моќ и човечка генијалност. Како што жителите на Вавилон ја граделе кулата за самољубие, така денес медиумите (и корисниците) ја користат технологијата не за служење на заедницата, туку за слава, влијание, профит и задоволување на своето его. Станавме заробеници на самопромоцијата.
Како и во библиската приказна, ние не изградивме платформа за разбирање, туку создадовме средина во која сите зборуваат, но малкумина слушаат. Алгоритмите ја измешаа нашата комуникација: живееме во меури од информации, се храниме со потврдени уверувања, и не можеме да се разбереме едни со други. Наместо заеднички јазик, сè повеќе се движиме кон дигитален Вавилон. Во оригиналната приказна, мешањето на јазиците го спречи човештвото да го заврши заедничкиот проект. Денес, мешањето на вистинито со лажно, факти со мислења, и информации со пропаганда го оневозможува создавањето на колективна реалност. Без доверба во вистината, ништо не можеме да изградиме заедно.
И самиот велите, дигиталната ера е време во кое никогаш не сме биле толку блиску (еден до друг), а така далеку. По кулминацијата, кога лажните вести и дезинформациите, масовната манипулација за различни цели и брзиот развој на ВИ ќе го достигнат пикот, што очекувате да се случи со дигиталните медиуми? Во што ќе се распаднат, дезинтегрираат, прочистат? Кои информации ќе имаат вредност за 30 години?
– Ова прашање отвора длабока и навистина важна дискусија за иднината на медиумите и општеството во целина. Ако дигиталната ера денес е време на илузорна поврзаност, информациска преоптовареност и технолошка еуфорија, тогаш иднината неминовно бара некаков облик на корекција, етичка, технолошка или културна. По кулминацијата, пикот на дезинформациите, манипулациите и злоупотребите со вештачка интелигенција. Дигиталните медиуми ќе се соочат со криза на легитимитет.
Медиумите ќе се раслојат во мали, хиперспецифични медиумски заедници, каде довербата и идентитетот се гради преку личен избор и персонализација низ време. Наместо глобални портали, ќе имаме нишки на информации со јасно потекло и за конкретна публика. Ќе доминираат платформи со филтрирана и персонализирана вистина, каде секој корисник добива „свој универзум“. Ова е опасно, но истовремено реално, информациските меури и ехо-комори ќе станат поизразени. Исто така, медиумите ќе се преобликуваат во AI-модерирани информациски екосистеми, каде медиумските процеси ќе бидат автоматизирани, но со потенцијал и за огромна злоупотреба и за прочистување, сè зависи од регулацијата и етиката што ќе ја градиме денес.
Секако, ќе се случи некое ново прочистување, налик на периоди на медиумска регулација во историјата (на пр. регулацијата на радиото или телевизијата во 20-от век), но овој пат ќе биде многу потешко. Слично нешто се случува и со храната, на пример, каде сè повеќе е важно да користиме органска храна. Веројатно во догледно време сите ќе бараме некакви „органски“ информации.
Дали се книгите веќе во продажба и каде може да се купат?
– Многу набргу книгите ќе бидат во дистрибуција и продажба, за што ќе има информации на социјалните мрежи и на веб-страницата на издавачот. Овој првичен период се обидувам да ги подарам на сите оние пријатели и мои контакти кои покажаа голем интерес за нив.





