Рефлектирачкото светло на Бергер што ги освои Ханеке, Џоли, Пит…

Кристијан Бергер е лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело на 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што ќе се одржи од 16 до 21 септември во Битола

„Светлата се невидливи. Ја гледаме само светлината, рефлектирана од светот“, е легенарната изјава на Кристијан Бергер – лауреатот на „Златна камера 300“ за животно дело на 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што ќе се одржи од 16 до 21 септември во Битола. За својот изум тој ќе одржи работилница на тема „Систем за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“. Големиот директор на фотографија вели дека за првпат го користел пред 20 години, за време на снимањето на „Учителка по пијано“ на режисерот Михаел Ханеке. Без знаење на Ханеке, го користел во мали делови од филмот, за да види како работи.
– Тоа беше тест за мене, да видам како можам да го користам… и, се разбира, без знаење на Ханеке. Но, по два часа снимање тој забележа и рече: Немој да експериментираш со моите филмови! Но, сега, Ханеке го сака овој систем и од 2001 година го користам на сите мои филмови – раскажува Бергер во едно од своите интервјуа.

Кристијан Бергер

Кристијан Бергер нема да биде првпат на фестивалот во Битола. Тој два пати веќе го презентирал системот во рамките на изданијата на „Браќа Манаки“. Поради неговата големина како кинематографер беше избран за претседател на петчленото жири во 2008 година, а во 2012 година, на 33. издание на „Браќа Манаки“, Бергер беше лауреат на „Специјалната Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.

Бергер е професор на Филмската академија во Виена. „Системот за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“ го направил во соработка со „Бартенбах лихтлабор“. Овој систем овозможил многу нови естетски можности за камерата и за директорите на фотографија, но им дал слобода и флексибилност на актерите и режисерите, бидејќи ја елиминира потребата од многу кабли, филтри, електрична опрема и техничари кои мораат да бидат околу актерите во моментот на снимањето на сцената.
– Не треба да знаете дека има светилка, не треба да сфаќате дека има светилка – вели Бергер.

„Не треба да знаете дека има светилка“, вели Бергер

Врвот на неговата авторска креативност како водечки европски и светски кинематографер е соработката Михаел Ханеке. Речиси сé што е најзначајно во неговиот опус е визуелно потпишано од Бергер. Соработката ја почнале уште во австриската фаза на Ханеке со двата филма од трилогијата „Смрзнати чувства“/Glaciation Trilogy; „Видеото на Бени“/Beny’s Video (1992) и „71 Фрагмент од Хронологијата на случајот“/71 Fragments of a Chronology of a Chance (1994). Нивната тандемска соработка продолжува во уште поинтересната француска фаза со филмовите: „Учителка по пијано“/The Piano Teacher (2001) и „Скриено“/Hidden (2005), а врвот на нивната плодна тандемска соработка е ремек делото „Белата панделка“/The White Ribbon, што во Кан во 2009 година им донесе „Златна палма“, а за Бергер, иако можеше да се закити со Оскарот, му остана сатисфакцијата што беше номиниран за Оскар за најдобар кинематографер. Сепак тој ја доби престижната награда на Американското здружение за кинематографија ASC/American Society of Cinematographers за најдобар кинематографер за филмот „Белата панделка“. Тоа од 2010 година му го донесе и заслуженото членство во AMPAS/Academy Of Motion Pictures and Science/Американската филмска академија која ги доделува Оскарите.

Негов прв целовечерен филм е „Рафл/Raffl (1984) , за кој уште на почетокот на кариерата ги добил сите престижни награди. Следуваат: „Хана чудовиште, драга“/Hanna Monster, Liebling (1989), „Плоштадот Маут“/Mautplatz (1994), „Етнички идили“ (1996), „Сеќавањата на мртвиот човек“/Dead Man’s Memories (2002), „Не прави така“/Don’t Do That (2004), „Мојот убиец“/Mein Morder (2005), во 2007 година филмот „Неангажираност“/Disengagement на режисерот Амо Гитаи со Жилиет Бинош во главната улога.

Бергер последно работеше на филмот „Ноќ од 1.000 часа“, кој е во постпродукција, во соработка со уште еден познат австриски режисер, Виргил Видрих, а неговото последно дело е од 2015 година, драмата и романса „Покрај море“ на Анџелина Џоли. Таа и Бред Пит биле воодушевени од системот за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах. Џоли изјавила дека тоа е многу важно за актерите.
– Воопшто не е инспиративно да работиш опкружен со електрична опрема и техничари додека се обидувате да кажете: „Те сакам“. Кога ги снимавме сцените немавме големи поставки за осветлување на лицето за крупен кадар – вели Џоли.
Пит изјавил дека експериментира и игра во исто време.
– Чудно е, но, средината е побезбедна од сите на кои сум бил – изјавил тој по снимањето на филмот.

Сподели