Совет за етика: Трагедијата во Тетово мора да биде ослободена од сензационализам

Професионално известување од медиумите и транспарентност од институциите за несреќата во Тетово побара Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Тие велат дека со голема загриженост ги следат прекршувањата на новинарските стандарди во известувањето за големата трагедија во Тетово и пожарот во модуларната болница.

– Медиумите се должни, особено кога се работи за информации што се однесуваат на загуби на човечки животи, да го почитуваат Член 1 од Кодексот на новинари: „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави, а точноста на информацијата да се провери“ – велат од Советот.

Во поглед на експлицитните фотографии и видеа од несреќата, потсетуваат дека начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

– Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост – нагласуваат од СЕММ.

Советот ги повика граѓаните да пријават какво било прекршување на новинарските стандарди што ќе го забележат во традиционалните или онлајн медиумите преку електронската пријава на овој ЛИНК. Истовремено побараа од институциите транспарентно, навремено и прецизно информирање на јавноста за да се намали ризикот од ширење шпекулации.

Фото: Снимка од 360 Степени.

 

Сподели