Лустер од еден куп бели машки гаќи ве пречекува на сред малата сцена. Маса, столчиња, фотелја, стар транзистор и по некој алкохол. И ништо да не знаете за текстот на претставата „Секс, лаги и главоболки“, лустерот ќе ви каже многу. Култната комедијa „Секс, лаги и видеоленти“ од Стивен Содерберг (1989) е земена само како предлошка за претставата, која во суштина режисерката Александра Кардалевска заедно со четворицата актери ја изградиле. Текстот е прилагоден и многу малку локализиран, многу умесно, без претерувања, туку со мерка. Преодите од сцена во сцена се направени интересно и динамично со мрак од неколку секунди и брзи трансформации на актерите.

Актерите и екипата на претставата синоќа на премиерната изведба беше со право вратена три пати за поклон и аплаузи.
Љубовта, неверството, машката природа една жена да не е доволна, женската природа – да остане со маж по секоја цена, комплицирани брачни и вонбрачни релации се истураат на сцената низ 4 различни приказни, неповрзани меѓу себе. Во центарот на нештото – моралот. Мора ли да биде нечесно, мора ли да биде неискрено?
Александра Кардалевска создава модерен театар, претстави што публиката сака да ги гледа. „Анатомија на неверството“ четири години се игра на сцената на Театар Комедија. Актерскиот тим од таму – Жаклина Петровска и Тони Денковски, во оваа претстава го прошири со Сергеј Дамовски и Елена Кузманов.

Неретко се кажало дека Македонија има одлични актери, ќе го напишам и сега. Сите четворица актери беа одлични. Секој од нив во четири различни улоги во секоја од сцените. Одлични трансформации видовме кај Сергеј Дамовски, Тони Денковски беше маестрален со сите свои брзи потези, реакции, гестови на вистинско место. Жаклина Петровска владееше, а Елена Кузманов – одлично кокетираше со публиката и со своите улоги. Убав шмек даде и нарацијата на Жаклина Стевковска Дрнасин.

Претставата визуелно ја спакува Онур Озџан и тоа минималистички, со оправдана доминација на лустерот со гаќите. Драматург на претставата е Благица Секулоска. Дизајнот на светлото – на Душан Кардалевски, а за музиката се погрижија Оливер Јосифовски, Давор Јордановски и Михајло Михајловски.

Можеби кога ќе го прочитате насловот ќе и дадете евтин предзнак на претставата, но, „Секс, лаги и главоболки“ е сè само не евтин театар. Ќе ве насмее до уши, ќе ве замисли до најдлабоки мисли, ќе ви даде одговори на многу прашања и за женскиот и за машкиот свет.






