Промоција на „Неколку тишини подоцна“ од Ана Стојаноска

Романот „Неколку тишини подоцна“ на Ана Стојаноска ќе биде промовиран вечерва во 19 часот на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Промотори ќе бидат: професорката Лидија Капушевска-Дракулевска и писателот Владимир Јанковски, а извадоци ќе читаат Верица Ацеска, Ангела Стојановска и Филип Трајковиќ.

Станува збор за дистописки роман, структуриран/компониран како симфонија, што е за прв пат во македонската литература да се искористи ваквиот начин на структурирање на наративната мрежа. Паралелно раскажува неколку различни приказни, на неколку различни места на земјината топка, каде што главните ликови се соочуваат со голема пандемија по короната, со крах на економскиот систем и дигиталните валути, како и со падот на човечките заедници.

Романот ја раскажува приказната низ неколку различни перспективи за да не’ донесе до крајот на светот. Ликовите се носители на неколку главни топоси во процесот на зачувувањето на човештвото од неизбежното рушење. Како што е тоа вообичаено за жанрот, покажано е на кој начин почнува крајот и на кој начин се прават обидите не да се спречи, туку да се уништи во целост. Во романот се посочува улогата на фармацевтската индустрија, големите финансиски фондови, лични приказни и улогата на дарквебот, како и една поморска приказна која на некаков начин ги спојува сите во една.

Она што го издвојува романот „Неколку тишини подоцна” е лиричната структура и ритмичноста која во себе намерно ја крие суровоста на светот што исчезнува.

Ана Стојаноска (1977, Прилеп) e театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. СпецијаПоллизирала театарска музеологија.

Авторка на: Ние (роман, избран во првите три на конкурсот за необјавен роман Пегаз), Лебед (роман, Полица, 2021), Трогледало (драма, 2020, објавена во изборот на ЕУРОДРАМ: Нова македонска драма); Потпис: Трепетлика (збирка поезија, Три и „Антево перо“, 2020, за која ја доби наградата Антево перо за 2020) Јас и Лин, отпосле (роман, Блесок, 2016; за која ја доби наградата Рациново признание, 2017 и финалист за Роман на годината и второ издание, Култура, 2019), Дијалози во еднина (Култура, 2019), Театар – предизвик: Студии и есеи (УКИМ, 2018), Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (монографија, ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (монографија, ФДУ, 2006). Приредувачка на: Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008).

Нејзината монодрама „Стаклен лампион“ е праизведена во продукција на „Театра“ – Скопје, (2013). Авторка на стотина студии и есеи објавувани во македонската и во странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Пишува и театарска критика. Поезијата и прозата ѝ е објавувана во повеќе различни медиуми (електронски и пишани, на неколку јазици). Во 2019 година стана член на Друштвото на писателите на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и на театарот. За албумот „Крик и прашина“ (2019) ги пишуваше текстовите заедно со авторот Сашко Костов. Нејзината поезија е објавувана во повеќе меѓународни списанија. Пишува постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза, и поезија, и драмски текстови.

Сподели