Еминентни географи од 30 земји на меѓународна конференција на Институтот за географија при ПМФ

Организирањето на „Еурогео конференцијата 2025“ е од исклучително значење за рејтингот на географијата како наука и образование, која овозможува широка културолошка и општествена вредност, вели проф. д-р Благоја Маркоски, раководител на Институтот за географија

Еминентни географи од триесеттина држави од светот ќе учествуваат на меѓународната конференција „Хуманизирајќи ја географијата: Луѓе, места и простор во глобален свет“ која утре и задутре ќе се одржи на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Конференцијата ја организира Европската асоцијација на географи во соработка со УКИМ, ПМФ, Институтот за географија, Македонското географско друштво и „Геобалканика“. Институтот за географија и студиите по географија во Македонија се едни од најстарите студии, кои се одликуваат со над 100-годишна традиција.

Проф. д-р Благоја Маркоски

Според проф. д-р Благоја Маркоски, раководител на Институтот за географија, ова е етаблирана наставно-научна институција со повеќедецениска традиција, затоа што тука се формира кадровскиот потенцијал за географското образование и наука и се креира географската научна мисла.

– Членовите на институтот во соработка со Македонското географско друштво и „Геобалканика“ во минатото и денес публикуваат научни и стручни списанија, организираат научни собири и конгреси во полето на географијата и учествуваат на разни меѓународни собири на географите. Низ тие географски манифестации се воспоставени разни релации на соработка, така што природно оваа година Институтот за географија при ПМФ е избран за коорганизатор на „Еурогео конференцијата 2025“ заедно со Еурогео асоцијацијата на географи – вели Маркоски.

Свечена академија, над 150 години mакедонска географска мисла и 100 години организирано географско образование, 2022 год.

Тој објаснува дека соработката меѓу институциите се темели на бројни контакти кои членовите на Институтот за географија и Македонското географско друштво ги имаат со свои колеги од разни европски држави, членство на македонски географи во Еурогео асоцијацијата и слично.

На конференцијата ќе учествуваат еминентни географи од околу 30 држави од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка и Австралија. За сега се евидентирани 71 презентација на научни трудови, 26 постери, 6 работилници, 2 пленарни сесии, две специјални панел дискусии, презентација на изданија на престижната издавачка куќа „Спрингер“ и друго. Во конференцијата за сега се вклучени околу 120 учесници, кои ќе расправаат за различни теми од класичната и модерната географска наука. За учесниците на конференцијата е предвидена кратка посета на Старата скопска чаршија и теренска екскурзија на локалитетот Матка.

Шести конгрес на Македонските географи со меѓународно учество 2024 год.

Македонија за првпат е домаќин на европска географска конференција од вакви размери. Според Маркоски, организирањето на „Еурогео конференцијата 2025“ е од исклучително значење за рејтингот на географијата како наука и образование, која овозможува широка културолошка и општествена вредност.

– Географијата има универзално значење, бидејќи како наука која го проучува географскиот простор има широка употребна вредност, иако некој може да прокоментира дека сè е познато. Да, но замислете да ја нема географијата во образовниот процес, колку луѓето би биле ограничени во својот видокруг. Денешната динамика на движење на луѓето во основа се базира на фундаментални знаења од географијата. На пример, ориентацијата и движењето по земјиштето, пловидбата по море и воздух, локацијата на релејните станици за радио, телевизија, телефонија и многу други аспекти. Преку географијата луѓето се запознаваат со карактеристиките на природата, населението, населбите и стопанските одлики. Затоа географијата има висок рејтинг како наука воопшто и како национална наука. Значи географијата го движи светот – дециден е тој.

Семинар за наставници и професори по географија, 2025 год.

Маркоски додава дека одржувањето на „Еурогео конференцијата 2025“ на Институтот за географија е од големо значење и за развојот на македонската географска мисла, наука и образование. Тоа значи потврда на над 100 годишната традиција на развој на географијата во Македонија.

– На конференцијата ќе има различни активности – научни презентации, работилници, специјални панел дискусии и издавачки презентации, како што ќе биде штандот на „Спрингер“, престижна издавачка куќа во светот. Ваквиот програмски пристап на конференцијата очекуваме да обезбеди зголемен обем на воспоставување на врски на членовите на Институтот за географија со географите од другите држави во светот. Тоа од своја страна мора да резултира со зголемено вмрежување на нашиот институт со географските институции во Европа и во светот. Тоа ќе овозможи реализација на разни научни и образовни проекти, лична афирмација, општествен и културолошки напредок – завршува Маркоски.

Сподели