Кој е авторот во доба на вештачка интелигенција? – дискусија на Саемот на книга

Кој е авторот во доба на вештачка интелигенција? e темата на панел-дискусијата што ќе биде организиран денеска во 18 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во рамките на Саемот на книгата. Настанот го организираат здружението „ВИ Сега“ и Македонската асоцијација за издаваштво, а има за цел да ја отвори јавната дебата за улогата на авторот и авторските права во време кога вештачката интелигенција активно учествува во создавање на содржини – од книги и статии, до музика, илустрации и преводи.

На панелот ќе учествуваат: Сашка Цветковска, истражувачка новинарка и уредничка во ИРЛ, Марина Тунева – експертка за медиумска етика, Бојан Саздов – претседател на МАИ, Сеад Џигал – комуниколог и автор и Суад Сефери – основач на „ВИ Сега“ и автор на првата книга за ВИ на Балканот. Модератор ќе биде Александра Тодоровиќ.

Панелистите ќе дискутираат за правните и етичките димензии на генеративната ВИ, за можноста за коавторство помеѓу човек и алгоритам, одговорноста за содржина создадена од ВИ, и предизвиците пред кои се наоѓаат авторите во ова ново дигитално доба.
Влезот е слободен за сите посетители на Саемот на книга.

Сподели