Бас гитарата ја влaдееше Иван Кукиќ, а Горан Бојчевски, наш музичар кој живее во Словенија го топеше кларинетот.
Не ни требаше да ни докажува зошто е виртуоз на гитарата веќе пет децении, ама ни требаше да ни овозможи вакво незаборавно искуство – двоипол часовно уживање низ неговата музика. Влатко Стефановски на Скопје му подари два концерти (9 и 10 мај) во Филхармонијата, полни до последно столче. Од првите звуци на „Абер дојде Донке“ кои веднаш удираат во вас оти ритамот е наш, познат, убав, преку неговите најпознати песни од сиве овие години музичко творештво.

Влатко секогаш знае да ги покани покрај себе врвни музичари и да им даде шанса односно поголема видливост на музичари кои можеби не ги знаеме премногу или не се презастапени на нашата сцена, а се светски. Неговиот син Јан Стефановски ни покажа виртуозност и жар на тапаните. Уште на прес-конференцијата Влатко го најави дека нема да настапува затоа што му е син, туку затоа што е многу добар и во тоа се уверивме.
Бас гитарата ја влaдееше Иван Кукиќ, а Горан Бојчевски, наш музичар кој живее во Словенија го топеше кларинетот. Гостин на вечерта беше и долгогодишниот пријател на Влатко, Момчило Бајагиќ-Бајага. За клавијатурите беше задолжен Дамир Имери, а „Трио Струмица“ му беа придружни вокали.

Си заљубив едно моме, Влатково оро, Кандилце, Нисам твој, Gipsy Song, Чувам ноќ од будних, Бистра вода, Учи ме мајко, Скопје… Публиката уживаше во секој риф, во секоја нова нота, потсетувајќи се на најдоброто од Влатко.
Влатко Стефановски достоинствено и како што им доликува на големите уметници ги одбележи своите пет децении. Жарта со која настапи, почитта кон публиката се лекции за помладите. Да си посакаме и да му посакаме уште долги години да можеме да уживаме во неговите настапи во живо.
Концертите ги организираше менаџерот на Стефановски, Томислав Кашљевиќ од „Мјузик тајм“ од Загреб.






