За маестро Ванчо Чавдарски кој ја славеше Македонија низ светот, а ние го заборавивме

Владимирово доби концертна сала што го носи името на македонскиот диригент Ванчо Чавдарски. По тој повод, беше организиран концерт во негова чест. Идејата потекна од здружението „Илинденски денови“ и Културниот центар „Алачки“ од Владимирово. На концертот настапи и Камерниот оркестар „Скопски солисти“. На концертот беше изведена убава програма, а како солисти настапија нашите врвни уметници, маестро Борис Трајанов баритон и обоистот Васил Атанасов, под диригентска палка на маестро Ангел Спировски. Свое обраќање имаа г-ѓа Камелија Левенска од фондација „Левенски“ и Горан Алачки од културниот центар.

Поздравна реч за ликот и делото одржа и обоистот Атанасов, кој имал средба со нашиот голем, но и подзаборавен диригент во 1998 година, на Меѓународниот фестивал во Сеул, Јужна Кореја.

Македонскиот диригент со светска слава маестро Ванчо Чавдарски е роден во Владимирово 1930 година. Потекнува од земјоделско семејство. Од најмала возраст го покажува својот талент и уште како 6-годишно дете свири на тамбура, рачно направена од неговиот татко и бил атракција на веселбите во Владимирово. Основно образование завршил во родното место, како талентирано дете пее во школскиот и црковниот хор во селото, а потоа се запишува во музичкото училиште во Скопје, за подоцна да продолжи на отсекот за диригирање на ФМУ Белград во класа на проф. Живојин Здравковиќ. Поради својот талент и успех тој  продолжува да се школува во Хамбург, Германија да се усовршува во класа на Х.Шмит Исердерт, а подоцна и во Америка, каде што специјализира диригирање. Во 1962 година на натпреварот за млади диригенти во Ливерпул, Англија, ја добива втората награда и станува еден од водечките млади диригенти во тогашна Југославија настапувајки во сите поголеми центри, а и гостувања во Франција, Италија, Советскиот сојуз ,Англија, Шпанија, Германија, Бугарија и во други европски земји.

Во периодот од 1960 година тој е диригент во Операта при МНТ, на чија сцена постави бројни оперски дела, а од 1965-1970 е директор на Македонска филхармонија. Од 1970 година со успех настапува во странство со постојани ангажмани во Австралија. Настапил на отворањето операта во Сиднеј и диригира со оркестарот пред кралицата Елизабета, а гостува и во Јужна Кореја, Нов Зеланд, Тасманија, САД, Венецуела, Италија, Шпанија итн.. Од 1982 тој е шеф диригент на Симфонискиот оркестар на РТВ Белград, а подоцна работи во Англија, и повторно се враќа во Македонија, во Операта при МНТ. Во периодот од 1994-2001 Чавдарски е почесен професор на Јужнокорејскиот Конзерваториум во Сеул. Тој почина на 8 декември 2001 година во Бризбејн, Австралија, на 71 година.

-Маестро Ванчо Чавдарски ја славеше Македонија низ светот, согласни се неговите колеги, но сепак, институциите во кои работеше и оствари голем напредок во уметничкиот развој, не му посветија доволно внимание. Убаво се сеќавам како маестро Чавдарски во 1998 пропатува илјада километри за да присуствува на мојот солистички концертот во Сеул на Меѓународниот фестивал, дружејки се тие два дена и како на таа пријателската средба  се договоривме да пренесам дека маестрото би дошол од Австралија следната година, за настап и концерт со Филхармонијата да го прослави својот 70. роденден и 40 години уметничка кариера. Но, иако јас ги пренесов поздравите,  до таков концерт  не дојде, а причините не ми се познати – вели обоистот Атанасов.

За својата диригентска уметност, маестро Чавдарски е добитник на бројни награди во земјата и во странство, а се издвојува медалот „Жан Филип Рамо” на Дижон, Франција. Диригирал со врвни европски и светски оркестри, и на сите континенти, остварувајки врвни резултати. Во текстови посветени на негова годишнина од раѓање, наоѓаме цитати од негови интервјуа каде што вели оти е како скитник кој нема постојано место на живеење, но дека Македонија му е вечно во душата и по кажувања на неговите блиски, секогаш кога имал можност доаѓал во Владимирово. Случувањата во неговиот живот се одвиваа како на филмска лента, а теоретичарите го нарекуваа македонски Одисеј. Со него сакаа да настапуваат светски солисти, низ светските подиуми добиваше овации, долготрајни аплаузи и над десетина минути.

Сподели