Волонтери им пееја на децата болни од рак

Светилки од мобилни телефони ги изненадија синоќа децата што се лекуваат на Клиниката за детски болести во Скопје. Педесетина волонтери од Здружението САНО, родители чии деца се лекуваат или се излекувале од педијатриски канцер, но и пријатели на децата во болница синоќа им пееја и им светкаа со телефоните под прозорците на Клиниката. Децата на волонтерите им возвратија со куп насмевки и со светилките од нивните телефони. Аплаузот кој следеше на крајот од настанот беше наменет за децата-херои што во моментов се лекуваат на хемато-онколошото одделение.

Настанот е дел од кампањата „Златен септември“, месец кога се подига јавната свест за детскиот канцер. Секоја сабота месецов во 20 часот волонтерите ќе прават ѕвездено небо за малите, големи херои.

– Ништо не е тешко кога се во прашање нашите другари во болница. Ќе им покажеме дека во нивната борба ние сме нивниот најголем пријател. Заедно, секоја сабота во септември ќе ги храбриме децата од хемато-онколошкото одделение и ќе им дадеме надеж и поддршка да продолжат да бидат силни, борбени и истрајни како што биле до сега – велат волонтерите од САНО, кои исто така се деца кои победиле рак.

Волонтерите ги повикаа граѓаните на Скопје да одвојат само 10 минути следната сабота, да понесат мобилен телефон, да ја пуштат сијаличката, да помислат една желба за овие дечиња и да запејат. Најголема поддршка на волонтерите од САНО се средношколците од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје и Меѓународното училиште НОВА.

 

Сподели